Државното музичко училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ денеска одржа комеморација за починатата наставничка Адријана Несторовска-Светозаревиќ. Наставничката по солфеж почина на 51 годишна возраст во неделата 18 декември.
Адријана е родена 1971 година. Основно музичко училиште завршила во истото училиште, додека средно образование во музичкото училиште „Илија Николовски-Луј во Скопје. Дипломирала на Факултет за музичка уметност при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.
Од 1995 година работи во музичкото училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ Во 2009 ја доби награда за најдобар музички педагог од Друштво на музички педагози. Таа е сопруга и мајка на три деца.
За животот и делото на Адријана или Ани како што ја именувале колегите, говореше наставничка Соња Андонов, која истакна дека овој колектив е како едно големо семејство и затоа чувствуваат загуба како на близок член на семејството.
-Денеска за миг да ги потиснеме солзите на страна бидејќи тие никогаш нема да бидат доволни да ја искажат тагата по загубата на нашата драга колешка Адријана Несторовска – Светозаревиќ. Име составено од три збора, а за сите нас име со само три букви – Ани.
Се собравме денеска во нашето училиште да ѝ оддадеме достојна почит на нашата драга Ани бидејќи ова е нејзин и наш втор дом. Изминативе два дена и ние, нејзините колеги, верувајте добивавме исто така изрази на сочувство.
Велат дека некои луѓе се како предодредени да ја извршуваат својата професија којашто ја избрале. Таков е случајот со Ани. Таа како да беше родена токму за она коешто го работеше, а тоа е работа со деца, и тоа работа со која ги внесуваше во светот на музиката, музички ги описменуваше и им ја всадуваше љубовта кон музиката. Поради тоа најпрвин ќе се обратам од име на нејзините ученици.
Доволно е да кажам дека на поголемиот дел од колегите им беше наставничка по солфеж. Љубовта и почитта помеѓу Ани и нејзините ученици беше взаемна. Колку што таа ги сакаше нив, толку и тие ја сакаа и почитуваа неа. Доволно е да пренесам само неколку реченици со кои нејзините поранешни ученици, а денеска колеги, ги напишаа на социјалните мрежи:
„Денес почина мојата прва учителка по солфеж, Адријана Светозаревиќ, човекот кој ми ја всади љубовта кон музиката и уметноста…
Примерен наставник и колега, полн со насмевки, љубов и мудрост…
Секогаш ќе останеш во нашите сеќавања…
Денеска ни замина нашата најдобра наставничка по солфеж Адријана Светозаревиќ…
Беше мотив за сите нас да ја сакаме музиката и да бидеме она што сме сега! Нека почива во мир..“
Овие реченици, напишани од срце, кажуваат сé. Ани кон своите ученици се однесуваше целосно професионално, со голема посветеност, педагог кој мошне успешно ги образуваше, но и воспитуваше учениците, учител кој сето свое знаење им го пренесуваше стручно и слободно можам да истакнам дека кон сите нив таа се однесуваше со мајчинска љубов. Ани имаше трпение и разбирање за секое дете. За неа часот често пати се случуваше да трае повеќе од 40 минути, а во сезона на настинки кога бројот на ученици се осипува, знаеше да одржи час дури и ако е присутен и еден ученик.
Вложуваше максимален труд кога требаше да ги подготвува учениците за натпревар. Го занемаруваше своето слободно време за да се посвети на тие подготовки кои, како и сé останато, ги извршуваше со голема посветеност и љубов. Од тие натпревари секогаш се враќаше со освоени високи награди. Голем успех за Ани, но и за училиштето. Ани, со својата скромност, своите успеси на професионален план ги сфаќаше како нормален дел од работните обврски.
Почитувани, дозволете да се обратам од името на колегите на Ани. Пред малку кажав дека училиштево е нејзин и наш втор дом. Односот помеѓу колегите најчесто се заснова на тоа што поранешниот ученик ти станува колега и блискоста создадена на релација професор- ученик продолжува и понатака. Поради тоа овој колектив е како едно големо семејство и затоа загубата на Ани ја чувствуваме како загуба на близок член на семејството.
Треба да бидеме горди што во колективот имавме колешка каква што беше Ани. И без разлика дали некој од нас повеќе или помалку години работеле со неа, сите се сложни дека изгубивме голем човек, полн со љубов, емпатија и разбирање за секого, подготвен да сослуша и со благ глас да даде совет, утеха, личност со топол поглед и насмевка којашто смирува.
Останува меѓу нас колегите, и не само меѓу нас, туку верувам и кај секој оној којшто ја познаваше, неразјаснето прашањето – зошто токму Ани, зошто токму таква личност, таков човек.
На крајот, да се обратам во свое лично име. Паметам, кога се вработив Ани беше уште ученичка по виолина. Ги паметам нејзините почетоци како млада наставничка по солфеж. Со текот на времето разликата во годините не претставуваше пречка да водиме пријатни професионални, но и обични, секојдневни, женски разговори. Но, највесело ми беше кога ми ги раскажуваше случките со учениците. Секогаш, така насмеана, ќе ме чека во канцеларија и ќе ми рече „Дојди, те чекам да ти раскажам за тој и тој …. Знам дека ти сакаш ова да го слушнеш.“ Јас често ѝ велев „Ани, ти треба овие детски бисери да ги запишуваш“. А умееше толку убаво да ги долови ликовите на учениците и со голема љубов да раскажува за нивните згоди и незгоди со кои се среќаваше на часовите. Ете, тоа ќе ми недостасува. И финџалот со кафе во канцеларија кој беше постојано покриен со тацната. Знаевме дека е тоа кафето на Ани.
И повторно истото прашање – зошто токму Ани?
Почитувани, постои една мошне убава мисла за музиката која вели „Онаму каде што престанува моќта на зборовите, започнува музиката“. Дозволете, и сега, она што денеска не можеме да го искажеме со зборови, она за кое не можеме да најдеме соодветен збор, да го изразиме со музиката. Сигурна сум дека звуците на музиката ќе допрат до Ани, истакна Соња Андонов.
Во чест на неговата прва наставничка по музика, Адријана Несторовска-Светозаревиќ, настапи Шкељзен Пајазити.