На 15 септември 2023 година се одржа првата фестивалска вечер на Лешочкиот камерен музички фестивал. Ова е трето издание на фестивалот и со право може да се смета дека сигурно чекори истиот да прерасне во традиционален.
Како и претходните два, така и овој се одржува во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ кој се наоѓа во комплексот на манастирот свети Атанасиј во селото Лешок, во близина на Тетово. Околу изборот на локацијата, уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска – Кировска на свеченото отворање на фестивалот од свое лично искуство истакна дека „одржувањето вакви фестивали на необични, атрактивни локации, е од особено културно значење за една земја и веќе многу години се во тренд во сите поразвиени земји во Европа“. Пијанистката Маја Шутевска-Кировска заедно со својот сопруг, виолинистот Љубиша Кировски, се организатори на фестивалот, а речиси 30 години се присутни на музичката сцена како дует Кировски и долгогодишното концертно искуство од фестивали на вакви локации во странство го пренесуваат и кај нас токму со организирањето на камерниот фестивал во Лешок, како место со особено духовно значење за целиот Полошки регион и пошироко. Идејата на организаторот е заживување на концертниот живот токму во овој регион, со што се остварува мотото на фестивалот – зближување преку уметноста – приближување на различни култури преку универзалниот јазик на музиката, посебно, според зборовите на организаторот, на двете најголеми етнички заедници во овој регион, македонската и албанската.
Програмата на годинешниот фестивал се реализира во две вечери со по два полурецитали. Со изборот на учесниците организаторот дава простор на уметниците кои потекнуваат од овој регион, на млади уметници кои се на почетокот на својата кариера како и на уметници од странство.
Убавината на камерната музика е можноста да се комбинираат две и повеќе инструменти и за кои не е потребен голем концертен подиум туку помал простор или соба. Оттаму и зборот „камерна“ од латинскиот збор „camera“ во значење соба, одаја. Дуетите виолина-виола и виолина-гитара со кои започна фестивалот во Лешок ја пренесоа токму таа убавина на камерното музицирање.
На првиот дел од првата фестивалска вечер настапија дуетите Сања Смилеска – Михајловска (виола) и Михајло Михајловски (виолинист, композитор и музички продуцент), а во вториот Шкељзен Пајазити (виолина) и Јетмир Мехмеди (гитара). Сања Смилеска-Михајловска и Шкељзен Пајазити своите почетоци ги имаат токму во ДМУ „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово. Во истото училиште Пајазити и Јетмир Мехмеди се долгогодишни истакнати професори по виолина и гитара.
Дуетот Сања Смилеска-Михајловска (Тетово, 1992) и Михајло Михајловски (Скопје, 1981) образованието го имаат завршено на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје. Сања во класта на проф. Фросина Балова, а Михајло во класата на проф. Михајло Куфојанакис. Двајцата имаат повеќегодишно искуство во работа со големите оркестри во Македонија. Сања има работно искуство во оркестарот на Македонската филхармонија и Радио симфонискиот оркестар на МРТВ настапувајќи со голем број реномирани диригенти и солисти како и на многубројни фестивали, ТВ емисии итн. Михајло работи 15 години во Македонската опера и балет како и во Македонската филхармонија. Двајцата, меѓу другото, низа години се дел од познатото музичко студио за снимање филмска музика FAME’S Project во кое се вклучени во снимање музика за холивудски филмски продукции, музика за ТВ емисии, видеоигри и сл. Во него Михајло е водач и прва виолина.
Во моментов, покрај што се партнери во приватниот живот, тие го сочинуваат дуетот Wave Strings и заедно настапуваат низ Европа, Азија и Америка изведувајќи популарни, филмски и композиции од класичната музика. Со дел од овој репертоар се претставија и пред публиката во Лешок. Аранжманите на композициите се на Михајло Михајловски. Тој мошне успешно ги вклопил двете различни бои на звук на двата по форма слични инструменти – повисокиот и магичен звук на виолината и потемниот и мек звук на виолата и да создаде складност во севкупниот звук бидејќи оригиналните композиции се напишани за други состави: „Поздрав на љубовта од Е. Елгар за виолина и пијано, „Марш“ и „Валцер на цвеќињата“ од балетот „Оревокршачка на П.И. Чајковски, „Ода на радоста“ од IX симфонија на Л.ван Бетовен, „Болеро“ од М. Равел, како и теми на популарните филмови (Гладијатор, Пиратите од Карибите, Супермен, Војна на ѕвездите, Последниот Мохиканец) на мајсторите композитори на филмската музика Х. Цимер и Џ. Вилијамс.
Вториот дел на првата вечер претставуваше надоврзување на она коешто го слушавме претходно. Милозвучниот акустичен звук од гитарата заедно со прекрасната боја на виолината претставува совршен спој и уште една потврда за убавината на камерната музика.
Дуетот Шкељзен Пајазити и Јетмир Мехмеди и е познат на публиката бидејќи покрај тоа што се занимаваат со педагошка дејност тие се присутни и на концертниот подиум и тоа како солисти, во други поголеми и помали музички ансамбли, но често имаат заеднички настапи.
Шкељзен Пајазити (Тетово, 1990) студиите по виолина ги завршил на Факултетот за музичка уметност во Тетово во класата на проф. Сихана Бадивуку. Својот прв настап го има во Тетово уште на 11 годишна возраст. Во текот, како и по школувањето Пајазити учествува на бројни државни и меѓународни натпревари каде добива врвни награди како и специјални признанија: 2019 година во Елбасан, Албанија, награда „Гениј“ со освоени максимални 100 бодови во Тирана, Албанија, „Апсолутна награда“ на Меѓународен натпревар во Ниш (Србија), диплома „Најзаслужен виолинист“ на Вториот меѓународен натпревар во Приштина (Косово) и многу други. Има богато концертно искуство во Македонија и пошироко.
Јетмир Мехмеди (Кичево, 1990) дипломира класична гитара на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје во класата на проф. Дарко Багески, а моментално е на постдипломски студии на Универзитетот „Хасан Приштина“ во Приштина (Косово) во класата на проф. Џевдет Сахатџија. Учествувал на многу фестивали за класична гитара и има освоено бројни награди на натпревари во Македонија и странство. Посетува семинари со многу познати професори по гитара од повеќе земји на Европа.
Убавината на камерната музика лежи и во тоа што постои широк репертоар на композиции бидејќи освен делата коишто се специјално напишани за составите, тие можат да изведуваат и транскрипции и на други дела или други камерни состави. Дуетот Пајазити-Мехмеди се претставија со Сонатата во А-дур за виолина и гитара на италијанскиот виртуоз на виолина и композитор Николо Паганини и „Bachianas Brasilleras“ бр. 5, едно од најпознатите дела на бразилскиот композитор Хејтор-Вила Лобос. Во натамошниот дел на програмата беа изведени делата на аргентинскиот композитор Астор Пјацола, кој на тангото како музичка форма му даде нов живот, кој, како што многумина историчари велат „од подиумот за танц, го донесе тангото на концертната сцена. Дуетот Пајазити-Мехмеди го изведоа делото „Кафе 1930“ и трите танга насловени „Tango Choc“, „Dernier Lamento“ и „Francanapa“. Овие дела се изведуваат во аранжмани за различни состави, но темпераментот којшто го носат во себе не се губи без разлика на видовите инструменти и следствено на тоа и бојата на звукот. Публиката секогаш со уживање ги проследува нивните изведби, а тоа се забележа и на оваа фестивалска вечер во изведба на виолината и гитарата.
Фестицалот продолжува на 17 септември (недела) во 18:00 часот со настап на младите уметници Мила Николовска – Ѓумар, сопран и Ана Гаштаровска, пијано како и на гостите од федералниот ентитет Република Српска во Босна и Херцеговина, Иван Оташевиќ, виолина и Снежана Поповиќ-Вулета, пијано во 19:00 часот.
Соња Андонов, музиколог