На Шар Планина, околу планинарскиот дом и падините на врвот Љуботен овие денови од викендот осум планинари од цела Македонија се оспособуваат за да добијат лиценца за водичи во планина во зимски услови.
Претставници на Комисијата за планинарски водичи при Федерацијата за планинарство во планинарскиот дом одржуваат теориски предавања и практична обука за нив од 14 до 17 март.
„Станува збор за осум водичи што се лиценцирани за летни услови, а сега се на обука за зимски услови. Од 14 до 17 март имаат теоретски предавања и практички вежби за техники за планинарење во зимски услови. Дел од напредната обука за справување со зимските услови подразбира спиење во снежни засолништа што самите ги изградиле. Се вежбаат техники движење во навртка, спречување на падови со цепин, движења со цепин и дерези, информира Александар Стојановски, претседател на Комисијата за планинарски водичи.
Следуваат уште неколку фази кои треба да ги поминат осумте планинари во рамки на нивниот приправнички статус. Треба да положат и испит.
„Во тој период треба да организираат и изработат приправнички планинарски акции под надзор на ментор. По успешно завршување на процесот ќе се здобијат со лиценца за планинарски водичи за зимски услови. Обуки на Комисијата се сертифицирани од светската планинарска и алпинистичка асоцијација УИАА и тоа за нас е голема гордост ретки во регион што имаат таква сертификација“, посочува Александар Стојановски.
Вкупно 147 луѓе во Македонија имаат лиценца како регистрирани планинарски водичи за летни услови и 23 за зимски услови. Над 30 отсто од планинарски водичи се жени.
ас
фото ФПСМ