Директорот на Националниот парк Шар Планина Ибрахим Дехари на денешната средба со новинарите информираше дека установата доставила докази до Државниот инспекторат за животна средина со цел се почне постапка со која операторите ќе се соочат со прекршочна одговорност поради оштетување на природата од возилата „ратраци“.
За оштетувањата и за потребата од надоместување на штета на заеднички состанок учествувале вчера претставници на повеќе институции, операторите со „ратраци“ како и управата на Националниот парк.
„По топење на снегот, експертите ќе направат процена на оштетувањата и ќе се процесуира до Обвинителството и судот кои ќе проценат која е штетата. Ќе се побара да се надомести штетата. Но тоа не е лесно. Беа експерти кои кажаа дека неколку години и треба на природата за да обнови. Во природа има правило, што семе може да се фрли, не може семе како за на стадион. Тоа е природна трева за која треба повеќе години да се обнови за да се врати во првобитна состојба. Затоа дојдовме до оваа забрана за движење на„ратраци“, изјави Ибрахим Дехари на денешната средба со новинарите.
Двата шумски патните правци од Попова Шапка кон Лешница и Вакуфска патека кон Шарски води се единствените патишта каде што ќе можат да се движат овие специјални возила поради забраната за нивно движење по други делници на заштитеното подрачје.
„Ќе мора да потпишат договор со нас со правила кои ќе ги наведеме и тогаш ќе можат да се движат. Ако го почитуваат тој правилник ќе можат да се движат сега за сега не може. Проблематична е разликата од 1700 метри надморска височина до 2000. Од 2000 метри и погоре има снег, но до таму се прават големи штети. Оваа година имавме многу малку снег, во некои предели ветрот го однел. Треба да газат „ратраците“ на слој од земја, истакна Дехари по денешниот настан во нивните простории каде се одбележи Светскиот ден на шумите и Светскиот ден на водите преку промоција на едукативна патека за деца.
Според најавите на Дехари било договорено Државниот инспекторат за животна средина редовно да има инспекциските контроли со цел заштита на природата.
ас
фото ДИЖС-ЈУ НП Шар Планина