Во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, во Тетово се одржа панел дискусија за подигање на свеста од важноста за инклузивно образование, како и да се убедат локалните самоуправи да ги стипендираат учениците со попреченост. Овој проект веќе трета учебна година по ред обезбедува месечна стипендија за 54 ученици од тетовскиот регион, а се надеваат дека од септември општините ќе најдат средства за месечна помош на овие деца и ќе ја преземат оваа потреба за учениците со попреченост.
-Имаме позитивен пример, Општина Теарце, има креирано план и не само нашите стипендисти од таа општина и на студенти ќе им додели годишна стипендија. Целта на овој настан е да ги информираме општините со нашите резултати во текот на овие три години. Исто да бараме од нив, да ги преземат овие стипендисти, не само овие, туку сега по новиот закон, децата мора да се упишат во редовните училишта, а тоа дополнителен терет за родителите за кои финансиската поддршка секако е потребна, изјави Адем Идризи, дел од проектот, претстваник на Здружението Хандимак.
Месечната стипендија како до сега ќе биде од голема помош за родителите за физикална терапија, лекови, логопеди, порачаа претставниците на невладиниот сектор до луѓето од општините.
-Оваа година не можевме да доделиме стипендии за овие категории деца, но ќе се потрудиме со буџетот за наредната година во програмата за социјална заштита и во буџетот на Општина Тетово да предвидиме и да им излеземе во пресрет на децата со попреченост. Општината се труди и дава максимум да обезбеди подобри услови да има и некои работи се напрвени како што е лифт во ОУ „Лирија“, потоа во нов објект на ОУ „Наим Фрашери“ има надворешен и внатрешен пристап, а во две училишта се направен игралишта за деца со посебни потреби во „Истигбал“ и „Наим Фрашери“, изјави Назми Даути раководител на Сектир за јавни дејности во Општина Тетово.
Низ цела држава во рамки на проектот има доделено 474 стипендии на ученици во 62 општини, од кои 42 отсто се од семејства каде има само еден вработен, а 25,5 % и двајца невработени родители.
Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, а вo соработка со Министерството за образование и наука.