Голем број граѓани со дописи до нашата редакција сведочат за можеби најинтензивната миризба на изгорен смет која се чувствуваше често во текот на летото. Граѓаните алармираат дека оваа појава се повторува цело лето, а ноќеска и во раните утрински часови, освен миризбата во воздухот се забележуваше и чад.
– Цело лето се повторува од време на време. Еднаш се јавив во пожарна, ми рекоа дека немале пријава и нема интервенција. Лоша миризба е многу, сега е лето, нели спиеме со отворени прозорци и се разбудив поради тоа, ни пишува жителка на Тетово.
– Мора да преземат властите нешто, ќе поцркаме, ни пишува Младен, жител на Тетово кој ни испрати и фотографии од чадот низ Тетово.
Тетово инфо на 29 јуни објави информација за истата состојба. Тогаш од Територијалната противпожарна единица Тетово истакнаа дека неколку дена претходно имале една интервенција на пожар каде гореле пластични материјали на потегот од Тетово кон Требош на една локација.
Во јули градоначалникот на Тетово, Биљал Касами изјави дека ќе побара од службите дополнителни контроли за да се најде причината за оваа појава. Тогаш потенцираше дека нема палење на складираниот смет на претоварната станица кај Фалише.
ас