Семејството и колегите полицајци од СВР Тетово денес ја одбележаа 22 годишнината од загинувањето на полицаецот Цоки Стојановски кој животот го загуби за време на конфликтот од 2001 година.
Пред неговата биста поставена во кругот на полициската станица за безбедност во сообраќајот свежо цвеќе положија претставници на тетовската полиција, офицери од касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ од Тетово и роднини на загинатиот.
-Денес одбележуваме 22 години од погинувањето на нашиот колега Цоки Стојановски. Цвеќе положивме на неговиот гроб на градските гробишта во Тетово и овде во полициската станица за безбедност во сообраќајот каде Цоки работеше до денот на погибијата. Тој животот го загуби додека беше на должност на полицискиот пункт кај тогашното „Радио Тетово“ каде загина вршејќи ја својата должност“, изјави Зоран Талев, командир на станицата за безбедност во сообраќајот.
Иако неколку денови пред неговата погибија, Цоки Стојановски бил ранет во ногата и пренесен во болница, после само три денови излегол од болницата велејќи дека татковината мора да се брани и се вратил во полициската станица активно да учествува во одбраната на Тетово. Смртно бил ранет при напад на полицискиот пункт каде бил на должност
Полицаецот Цоки Стојановски животот го загуби на 28 годишна возраст а зад себе остави жена и две деца.
ас