Во Тетово денес се одбележаа 81 година од смртта на првоборецот Иљо Антески-Смок, во организација на општинската организација на Сојузот на борци од Тетово.
Одбележувањето се одржи пред неговиот споменик во населбата Два бреста каде повеќе делегации положија букети цвеќе, а беше одржан и историски час за негово дело и лик.
Почит му оддадоа од Општинската организација на Сојузот на борци Тетово, Касарната Тетово, Здружение на пензионери, Музеј на тетовски крај, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ, ученици од основните училишта.
Иљо Антески Смок загина на неполни 24 години. Како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 во битката кај Ново Село, Гостиварско бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува „Смрт на фашизмот-слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен.
Во Тирана покрај Иљо Антески Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски.
ас
фото ОО Сојуз на борци Тетово