Преку соопштение до јавноста ОК ВМРО-ДПМНЕ Тетово и советничката група во Советот даваат безрезервна поддршка на клубовите Тетекс и Љуботен во врска со нивното барање да им се овозможат услови за тренирање и играње на градскиот стадион во Тетово.
-Апсолутно се согласуваме дека тетовските фудбалски клубови имаат право да бараат соодветни услови ако се земе предвид дека ЖФК Љуботен е двократен шампион на Македонија а ФК Тетекс се натпреварува во втората лига. Ја користиме оваа прилика да ја алармираме централната власт како и општинската администрација да постапат по барањата на клубовите во врска со решавање на нивните имотно правни барања како и овозможување на тренинг и натпревари на природна трева согласно стандардите за прва и втора лига. На крајот потенцираме дека градскиот стадион е сопственост на градот,а не на поединци и истиот треба да биде симбол на успесите на тетовскиот фудбал во Македонија и пошироко. Се надеваме дека во најкраток можен рок ќе се одговори на барањата на фудбалските клубови и дека и Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за млади и спорт како и локалната администрација ќе организираат средба со сите фудбалски клубови во Тетово во насока на решавање на долгогодишниот проблем. На крајот ние остануваме до крај посветени за да се изнајде решение за проблемот затоа што спортот во Тетово треба да обединува а не да разединува, се вели во соопштението.