Општина Тетово и СВР Тетово денес започнаа превентивно-едукативен проект „Училишна сообраќајна патрола“, чиј носител е Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Тетово, во содејство со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Отсекот за превенција.Опфатени се учениците од прво до деветто одделение од сите основни училишта.
Учениците од осмo и деветтo одделениe со помош на полицајци го запираа сообраќајот за да овозможат безбедно преминување на улици и крстосници на помалите ученици. Така им беше укажано на децата и на возрасните како треба доследно да се почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи. На возачите особено им беше посочено да им даваат предност и да ги пропуштаат пешаците, пред се во близина на училиштата, да не ги паркираат возилата на места на кои го попречуваат нивното непречено и безбедно движење.
– Сите сме сведоци дека бројот на возила енормно расте и сите граѓани се загрозени по однос на безбедност во сообраќајот, особено децата. Со ова ние ќе одиме чекор по чекор како Совет и ќе се бориме максимално во смисла да придонесеме во подигање на свеста и кај граѓаните и кај децата и кај целото населението. Децата денес научија како да бидат внимателни во однос на вертикална и хоризонтална сигнализација и преминување на улиците, изјави Зија Ќамили од Општинскиот совет.
Командирот на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Зоранчо Талев исто така потсети дека во Тетово значително зголемена е фреквенцијата од возила и пешаци и особено во централното подрачје.
– Проблеми има и од аспект на инфраструктура-не се обновени пешачки премини, и таму каде што се обновени за брзо време избледуваат, потоа сообраќајната култура. Се паркираат возачите на пешачки премини, пред училишта, на тротоари, не оставаат простор за поминување и создаваат проблеми на самите пешаци и на полицијата. Особено на децата. Наместо возачи да внимаваат ние треба да има даваме порака дека тука поминуваат околу училишта. Сите треба кога доаѓаат до училиштата, без разлика на сигнализацијата, да внимаваат, да намалат брзина и така натаму, изјави Зоранчо Талев.
На учесниците во сообраќајот им беа доделени наменски изработени летоци со пораки и совети за нивна поголема сообраќајна безбедност.
ас