Дел од пензионерите во Тетово и денес се собраа на градскиот плоштад за јавен протест при што ги повторија барањата за повисоки пензии и поволности за нив во здравството и социјалната заштита.
Им порачаа на властите дека како што се менуваат закони за поволности за државни функционери така да има и за пензионерите.
– Да се донесе закон за покачување на нашите ниски пензии за 3500 денари, како што донесоа многу закони со ова европско знаменце така и ние бараме да преживееме. За нив по брза постапка ги покачија своите ионака високи плати за 78%. А за нас со месеци кажуваат радосна вест за 6% покачување. Пензионерите земаат 12 илјади пензија. Со тие шест отсто ќе земаат 720 денари повеќе. Што пензионерите ќе прават со 720 денари. Ако мислат дека се многу ќе им ги подариме, истакна во говорот Дивна Здравеска од Тетово.
Претседателот на Здружение на пензионери Селвер Мемети рече дека власта треба разумно да дејствува и дека не се нивните барања големи.
– Мислам дека нашите барања секој свесен човек ќе ги прифати. Затоа ги молиме властите да ги прифатат нашите барања. Во март беше усогласување односно со враќање на 50 проценти од просечното зголемување на платите. Тој параметар се врати и добивме 8,4%, требаше и тогаш да добиеме линеарно, но ете помина. Значи треба да ни помогнат. Малите пензии да се зголемат, без зголемување на малите пензии овие протести нема да прекинат, истакна Селвер Мемети.
Дел од говорниците побараа смена на актуелното раководство на Сојузот на пензионери. Членовите на Здружението на пензионери Тетово најавија дека ќе одат на протестот во среда во Скопје.
ас