Во рамки на заедничките превентивно едукативни активности на МВР и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија од Скопје денес (20 декември) беа посетени две тетовски општински средни училишта, „Никола Штејн“ и „8 Септември“, информираат од СВР Тетово.
Шест претставници, лекари од оваа Клиника во содејство и координација со полициски службеници од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово одржаа стручни предавања-презентации на кои присуствуваа ученици од вкупно 18 паралелки.
– На предавањата посебно беше нагласен од лекарите ризикот од употреба на пиротехнички средства по здравјето на учениците, пред сè од повреди на рацете, очите и другите делови на телата.Покрај ова, учениците поблиску беа запознати и со законските импликации од набавување, продажба и од активирање на петарди и други пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови пред објекти, во влезови на станбени згради или училишта и слично. Тие беа и информирани дека продажбата и активирањето на вакви пиротехнички средства, покрај прекршочно може да се санкционира и со кривични пријави, зависно од околностите и крајните последици, информира портпаролот Марјан Јосифоски.
Вакви предавања за утре се закажани во уште две тетовски општински средни училишта „Кирил Пејчиновиќ“ и „Моша Пијаде“. Целта на кампањата чие мото е „Петарди НЕ, безбедност пред сè“ е подигнување на свеста кај младите во пресрет на серијата празници, да не купуваат и активираат разновидни пиротехнички средства.
ас
фото МВР