Ловечко друштво Шар Планина-Тетово вчера организираше ловечка вечер и успеа да ја продолжи децениската традиција, која беше во прекин изминативе години.
Последна ловечка забава во организација на друштвото Шар Планина беше во далечната 2010 година.
Ловџиите традиционално се собираат со цел да се означи крајот на ловечката сезона и да се прикажат доживувањата, згоди и незгоди како и да се прикажат трофеите.
„Управниот одбор сметаше дека на градот и ловците му недостига едно дружење од ваков тип коешто пред повеќе години била традиција поради што одлучи да се возобнови оваа традиција. Имајќи го предвид бројот на присутните гости сметаме дека не сме погрешиле во одлуката на организација на вечерашнава забава“, посочија од ловечкото друштво Шар Планина.
На ловечката забава присуствуваа голем број ловци, но и нивните сопруги како и други заинтересирани граѓани.
„Сведоци сме токму вечерва дека помеѓу гостите има многу коишто не се ловци што нас како организациски одбор посебно нè радува и секако на забави од ваков тип сите граѓани се добредојдени, истакнаа од ЛД Шар Планина.
За сите гости беше организирана богата лотарија со стотина награди. Главните награди беа воздушна пушка, ловечка пушка и ловен карабин обезбедени од ловечко друштво Шар Планина.
Ловечко друштво Шар Планина постои од 1955 година.