Делегацијата на Европската унија во Македонија од денес има своја канцеларија и во Тетово, наречена Европска куќа (Europe House). Ова е седма ваква канцеларија на ЕУ низ државата, а амбасадорот Дејвид Гир вели дека тоа е место за новите генерации каде ќе може да зборуваат за прашањата поврзани со Европската унија.
„Во некои култури бројот седум значи нешто кога се завршува, се комплетира. Со самото отворање на седмата канцеларија на Јуроп Хаус всушност се комплетира отворањето на целосната мрежа на Јуроп Хаус којашто почна со првата канцеларија во Скопје за да продолжи во Крива Паланка, во Струмица, во Велес, во Битола, минатата недела Јуроп Хаус се отвори и во Струга и денес седмата се отвора во Тетово. Секогаш велиме дека Јуроп Хаус е место за новите генерации, каде младите може да се соберат да поразговараат за прашања кои се важни за нив и исто така да можат да разговараат за прашања кои се поврзани со иновативноста, всушност прашања кои се важни за самата Европска унија, информираше амбасадорот Дејвид Гир.
Според амбасадорот лани повеќе од 900 активности биле организирани ширум мрежата на Јуроп Хаус. Учествувале 36 илјади луѓе или учесници во тие активности.
„Денес отвораме Јуроп Хаус во Тетово, град којшто е мултиетнички, исто така град којшто навистина има многу различна култура, различни јазици со два универзитети и шест средни училишта. Верувам дека оваа Јуроп Хаус ќе ја привлече таа енергијата на овие млади луѓе, да може да им даде правец кон Европската унија и ќе може да го подобри квалитетот на нивниот живот во Тетово и во регионот. Нашата вложување во Јуроп Хаус всушност не е ништо друго туку инвестиција во младите како инвестиција во Европската унија на оваа земја, истакна Дејвид Гир.
Во Тетово, Јуроп Хаус е во просториите каде порано беше библиотеката „Кочо Рацин“ во рамки на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.
Дел од активносите, вечерва од 20 часот е концерт на уметницата, музичар и вокалист Зарина Првасевда и нејзиниот ансамбл, кој ќе биде на отворено пред објектот.
aс