Вработените во печатницата Напредок кои на почетокот на месецов преку медиумите побараа да им се реши статусот и да ги добијат неисплатените плати, добија колективен годишен одмор, информираше нивната синдикална организација.
Како што известија од Синдикалната организација, вработените во четвртокот кога дошле на работа виделе дека со катанци се затворени вратите за влез во зградата и дека има поставено натписи и одлуки за колективен годишен одмор.
– Од 15 декември 2023 немаме репроматеријали и не работиме. Ние бевме принудени да доаѓаме на работа и баравме да се реши статусот со цел да ги добиеме неисплатените плати. Вработените во фирмата Напредок 1 треба да земат плата за ноември, декември 2023 година и сега јануари 2024 како и К15. Вработените во Напредок Принт треба да земат шест плати, од август 2023 година и сега за јануари 2024 година како и К15. Во четвртокот вратите беа затворени, а поставени одлуки со потпис на управителот во кои се вели дека поради намален обем на работа Друштвото донело одлука за користење на колективен годишен одмор од 25.01.2024 до 14.02.2024. Вработени треба да се јават на работа на 15.02, изјави Живка Димовска, која од денес ќе биде нов претседател на Синдикалната организација.
Во текот на минатата 2023 година, околу 40-тина работници неколку пати преку медиумите бараа реакција од државните институции затоа што со години нередовно примаат плати и немаат здравствено осигурување, како и решавање на нивниот статус на вработени.
Печатницата Напредок во Тетово постои од 1948 година како државна фирма која во 1989 преминала во акционерско друштво. Од 2006 година е приватизирана со продажба на акциите.
ас
ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ