Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Тетово денес организираше помен-панихида по повод 80 години од масакрот во селото Ранци, Кајљарско каде свирепо се убиени речиси стотина луѓе во текот на март 1944 година.
Во соборната црква Свети Кирил и Методиј тројца свешеници одржаа помен за 57 мажи, жени и деца чии имиња се познати дека се убиени само на 28 март 1944 година од тогашната монархо-фашистичка војска на Грција и германската армија присутна во тој од државата.
Во своето пригодно обраќање за случувањата во Ранци, универзитетскиот професор Михајло Марковиќ потсети дека три пати во текот на март грчките и германски војници убиле речиси стотина Македонци, а најголемиот масакр се случил на 28 март.
„Село Ранци претставува симбол на храброста. Поради револуционерниот дух што го имаме, а тоа можеме да го видиме и кај нивните потомци денес дека и покрај 80 години од крволочни напади се уште достоинствено се штити македонскиот идентитет. Селото Ранци е три пати пустошено, на 8 март и како предупредување грчки генерал убива осум луѓе и зема 28 заложници. По само четири дена, решава да го запали селото, но Ранчани со помош на партизаните успеваат да побегнат. Грчаката војска пали неколку куќи и ограбува се што може во селото. По неколку дена Ранчани се вратиле во селото, сметајќи дека по два палежи нема толку крвник и душман кој би дошол по трет пат. По кратко на 28 март, со помош на германски тенкови, со неколку дивизии, грчката армија влегува во селото во приквечерие и удира на голиот народ со сето оружје кое го има. Ранчани дигаат бели знамиња, но не молат за својот живот, туку молат за животот на децата и жените. Но грчкиот генерал Пулас рекол не-за жените оган, за мажите куршум. Таму се убиени повеќе од 50 лица, а обесчестени многу девојки. Такво крвничко зло не е видено“, истакна во пригодното обраќање универзитетскиот професор Михајло Марковиќ.
Александар Јаневски, претседател на Сојузот на здруженија на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН во обраќањето потсети и на страдањата на Македонците кои се случиле потоа при Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
„Само од окрузите Костурски, Лерински, Воденски и Солунски, во редовите на ослободителното движење, беа организирани околу 90.000 Македонци. Во ударните единици на ЕЛАС учествуваа околу 6.000 борци, а во редовите на резервниот ЕЛАС повеќе од 7.000. Само во македонските единици, вклучувајќи ја тука и Првата ударна бригада, учествуваа 1.700 Македонци. Во борбите се убиени преку 3.000 Македонци и изгорени 4.094 куќи. Во концентрациони логори беа одвлечени 4.150 мажи и жени и уништени имотите на 38 села и градови. Прво место во списокот на жртвите имаат големите македонски села Катраница со 380 жртви, Ранци, Нестрам, Влахоклисура со преку 200 жртви, Граматиково, Ениџе-Вардар со преку 100 жртви како и селата Ноте, Лугунци, и Љумница во Мегленско, додека во логорите “Павлос Мелас” во Солун, во Кардица и Волос, на сувите острови Ајстратис и по други места, најубави и најсветли страници од заедничката борба на грчкиот и македонскиот народ со својата крв ја испишаа илјадници најдобри синови на македонскиот народ“, истакна Јаневски.
Настанот го организираше Трајче Карапетров, претседателот на тетовското Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, по потекло токму од Ранци. Во Тетово живеат голем број на потомци на жителите на Ранци.
ас