Поголемата политичка волја и унапредувањето на дигитализацијата значително ќе помогне да се надмине сивата економија и да се збогати државниот буџет за повеќе стотици милиони евра, сметаат стопанствениците со кои разговаравме за начините како да се намали непријавената економска дејност и малверзациите кои се прават со цел да се плати помалку данок.
На пат од Скопје за Тетово на автопатот се продаваат овошје и зеленчук од импровизирани тезги. Во градот под Шара, сè уште може да се видат луѓе кои на улиците менуваат девизи за денари како во 90-тите години на минатиот век. И на самиот плоштад има тезги од кои се продаваат работи како долна облека. Дури и увезени автомобили се нудат за продажба среде тетовските улици, со само еден натпис и телефонски број. Мобилните телефони се продаваат од гајби пред самите салоните на телекомуникациските компании. Стопанствениците со кои разговаравме велат дека непријавената трговија почнува уште на границите, кога покрај регуларниот увоз на производи на разни начини се шверцуваат и други предмети, кои потоа стануваат дел од сивата економија, без да платат даноци, такси и придонеси за вработени, сметки за вода и струја според индустриски тарифи.
Економските експерти посочуваат дека негативните последици од постоењето на сива економија се бројни.
„Сивата економија негативно се одразува на финансиската кондиција на компаниите што работат согласно законите, ја нарушува пазарната (лојалната) конкуренција и ги става во нерамноправна позиција економските субјекти што се борат на пазарот, го ограничува растот на економијата, го поткопува владеењето на правото, ги оштетува јавните финансии, буџетот на државата и социјалните фондови. Сивата економија со себе носи реална опасност од преобликување на општеството согласно потребите на промоторите на сивата економија, се вели во анализата „Сивиот дел“ на македонската економија: големина, импликации, решенија“ од авторите Павле Александар Стојков и Зоран Јовановски.
Во стручната студија „Грануларно испитување на неформалната економија во Северна Македонија“ на организацијата Фајненс Тинк се посочува и на појавата на низок даночен морал, во делот каде се анализира што ја поттикнува неформалноста на фирмите.
„Нискиот даночен морал на претприемачите и населението, кој е предизвикан од лошите институционални системи резултира со висока толеранција на неформалноста. Колку е поголема перцепцијата за корупција на владата, толку е помал даночниот морал и поголема е прифатливоста на неформалноста на малите претприемачи. Иако зголемувањето на веројатноста да се биде откриен може да го зголеми чувството на морална и социјална обврска кај населението, принудувањето на усогласеност со прекумерна и неефикасна регулатива може да доведе до повисока невработеност, што резултира со поголема толеранција за неформалност, се вели во студијата, при што за поттикнувањето на неформалност се потенцираат и повеќе други фактори, се вели во студијата „Грануларно испитување на неформалната економија во Северна Македонија“
Трајан Ангелоски, претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија оценува дека што побргу и посеопфатно се примени дигитализацијата, сивата економија ќе се намали. Децениското искуство покажало – каде има човечки фактор во регулација на економските текови, голема е веројатноста за подложност на корупција и обиди да се искористат можностите за заобиколување на системот со цел што повеќе да се заработи на нелегален начин.
„Имаше систем на делење ваучери, беше скандал, никој не поднесе одговорност, а случајно или не, 80 отсто од добитниците беа луѓе од една националноста од која беше и министерот. Се слушаат гласини дека тие ваучери се искористени 95% на Попова Шапка. Дека бројот на кревети за да ги искористите тие ваучери излегоа дека во одреден момент по тројца-четворица спиеле во еден кревет. Не требаат вакви работи ако сакаме да биде сериозна држава. Сите тие се работи во секои држави елегантно се решаваат со еден систем на дигитализација каде што луѓето не можат да влијаат. На тој начин мислиме дека и сивата економија би се свела на минимум, рече Ангелоски.
Според него, бизнис фелата долго време се залага за воведувањето на е-фактурите како начин на подобрување на состојбите. За тоа се комуницирало со повеќе состави на извршната власт, па затоа сега смета дека новата Владата има сериозна задача и многу обврски пред себе да реши.
„Не само е-фактура, како е-фактура, туку тоа повлекува цел еден систем. Рокот за плаќање на државата кон приватните субјекти, пример. Со е-фактура може да контролирате субјект во ден, затоа што постои закон за финансиска дисциплина. Прво државата треба да си ги исплатува обврските на време, второ да бара приватните субјекти на време да си ги намируваат обврските и на тој начин да функционира економско-финансискиот систем во државата. Без воведување на такви мерки мислам дека се враќаме наназад во одредени феудални односи и економско неразвиени релации“, истакнува Ангелоски.
Што помалку сива економија и малверзации, ќе има подобар систем односно потоа ќе има државен буџет за секого. Парите кои ќе се соберат од даноците, фирмарина, придонеси за вработените и слично ќе ги користат сите граѓани – готови ќе бидат патиштата за поскоро време отколку досега, ќе има лекови за сите болести, ќе има училишта за сите градови и села, оценува стопанственикот.
„Треба целосно да се прејде на дигитален режим, на секаков можен начин, дали е е-фактура, дали е-плаќања. Што подразбира дигитален режим – доколку сакате да добиете нешто од државната администрација, само електронски пуштате да се аплицира. Доколку сакате да патувате за Охрид, единствено да може со таг или со картичка на патарините. Да нема луѓе едноставно, за тие луѓе ќе се најде соодветно место, имаме недостаток на луѓе на одредени места. Со заштедата што ќе се направи, со зголемување на ефикасноста, ќе се зголемат и вложувањата, посочува Трајан Ангелоски во интервјуто за Тетово инфо.
Исто така, Ангелоски смета дека наместо да очекуваме стотици милиони евра од ЕУ, кредитни линии и слично, тие износи државата може да ги прибере со елиминирање на сивата економија, регулирање на пазарот и со тоа зголемување на буџетските приходи.
Од Министерството за финансии информираат дека како институција се надлежни и работат на подготвување на законската регулатива, додека имплементацијата е-фактура како еден од дигиталните начините на надминување на сивата е економија е во надлежност на Управата за јавни приходи (УЈП).
„Целта е системот е-фактура е да биде применлив за сите даночни обврзници, односно да се даде соодветна можност на сите видови даночни обврзници да можат да креираат, доставуваат и примаат фактура во електронска форма“, одговорија од Министерството за финансии.
Од Управата за јавни приходи информираат дека се прават интензивни подготовки за имплементација на проектот е-фактура.
„Веќе се одржаа состаноци со претставници од неколку ИТ компании кои развиваат софтвери за поддршка на работењето на домашните фирми во делот на изготвување на фактури. Се дискутираше за нивните перцепции и прашања во врска со импликациите што ќе произлезат од усогласувањето на софтверите кај домашните фирми заради воведувањето на е-Фактура. ИТ компаниите ја препознаваат е-Фактурата не само како алатка за намалување на даночната евазија, туку и како алатка која ќе има додадена вредност за фирмите. Воедно, подготвени се активно да соработуваат со УЈП, да ги споделат своите искуства, да дадат придонес во тестирањето и слично, велат од УЈП.
За конкретните чекори кои би требало што повеќе да ја сузбијат нелегалната економија, од Министерството за финансии велат дека има план, но не посочија детали.
„Во насока на намалување на неформалната економија Министерството за финансии е веќе во тесна соработка со сите други надлежни институции кои се засегнати со ова прашање и работаат на имплементација на Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023-2027 година. Донесен е акциски план и се спроведуваат активности согласно акцискиот план“, истакнуваат од Одделението за односи со јавност при Министерството за финансии.
Двете посочени студии нудат и повеќе препораки за водење политики со цел сузбивање на сивата економија.
„Воспоставувањето на систем за е-фактурирање ќе биде вистински робустен потег за „борба против сивата економија“ користејќи го најсилното оружје на денешницата – дигитализацијата. Во дигиталната платформа е-фактура е препорачливо да се инкорпорира и потсистем e-залихи, за да се врши контрола на увозот на сите добра и начинот на пренос на залихите на следните во низата“, се вели во студијата „Сивиот дел“ на македонската економија: големина, импликации, решенија“.
Во студија „Грануларно испитување на неформалната економија во Северна Македонија“ на организацијата Фајненс Тинк се вели дека наодите ја нагласуваат потребата од повеќе аспектен пристап на политиките кој ги зема предвид различните аспекти на неформалната економија која постои во Северна Македонија.
Со овој текст, ТетовоИнфо.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.