Просториите на Здравствен дом Тетово се во завршна фаза на реконструкција. За тоа како одат работите обиколка направи заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, придружувана од директорот на Здравствен дом Тетово Живе Алексовски како и дел од докторите и медицински персонал.
„Интензивно се работи за подобрување на условите преку реконструкција од донации, но и од сопствени средства на здравствениот дом. Директорот ме информираше, но исто така е и јас увидов сега дека се во завршна фаза реновирањето на просториите на претшколска вакцинација, а во тек е и реновирање на стоматолошките, рендген простории, како и просториите за школска вакцинација. Комплетно исто така се реновирани и просториите на ургентна стоматологија, како и седум простории коишто ќе бидат наменети за административниот кадар на институцијата“, изјави заменик министерката.
Д-р Маја Маноелва рече дека Здравствен дом Тетово претставува еден позитивен пример за вложување и подобрување на условите за пациентите и за работа на здравствените работници.
„Сето тоа е важен дел од целокупното наше вложување во здравствениот систем. Преку инфраструктурното зајакнување на објектите во нашите здравствени установи, овозможуваме секако пред сè поквалитетни услуги за нашите граѓани, односно за пациентите кои доаѓаат во здравствените институции. Со заеднички заложби, морам да кажам дека продолжуваме и понатаму да го јакнеме јавното здравство со опрема, секако со кадар, но и она што е најнеопходно, можеби и инфраструктурни проекти. Инвестициите во здравствениот сектор се инвестиции кон здрави идни генерации“, посочи Манолева.
За актуелното прашање за рехабилитацијата на младиот Леонид Индов, заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева информираше дека на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација од каде што таа доаѓа има можност за роботска рехабилитација. Таа процедура според Манолева им овозможува на неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење.
„Во последниве 4-5 месеци на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација веќе се работи со најнова најсовремена апаратура за роботска рехабилитација којашто им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење“, истакна Маја Манолева при посетата на Здравствен дом Тетово.
Според неа, за да еден пациент биде вклучен во процес на роботска рехабилитација, треба да исполнува одредени критериуми, коишто ги проценува и ги дава стручниот колегиум на клиниката.
ас