Тетовската полиција информира дека е поднесена пријава за градското комунално претријатие затоа што не го подигнале сметот оставен на улици и со тоа предизвикале пречки во сообраќајот.
Поднесокот е согласно член 12 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата за неподигнат смет од јавни сообраќајни површини, оставен на самиот коловоз.
„Вакви поднесоци ќе се изготвуваат и во наредниот период со цел да се овозможи нормален сообраќаен проток низ градските улици и да се придонесе за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, а посебно на пешаците. Глобите за непочитување на оваа законска одредба се движат од 100 до 1000, односно до 10 илјади евра, зависно од тоа дали е физичко или правно лице и плус 500 евра за одговорното лице на правниот субјект, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од СВР Тетово со апел – граѓаните да не ги оставаат отпадоци каде ќе стигнат и надвор од контејнерите и другите садови за таа намена, а претпријатијата редовно да го подигаат сметот и да не дозволат создавање на купишта со расфрлани отпадоци.
„Неретко купиштата отпадоци или неправилно поставени контејнери го попречуваат нормалното и безбедно движење на возилата и пешаците, пред се и на некои потесни места и предизвикуваат застој во одвивањето на сообраќајот, потенцира Јосифоски.
На граѓаните и претријатијата им се препорачува целосно и безусловно да се придржуваат на Законот за јавна чистота и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.