18 годишната каратистка Михаела Мишовска го оствари најголемиот успех со освојување на сребрен медал на Европското првенство во Задар, Хрватска. Сребрениот медал го освои на својот дебитантски-прв настап во сениорска конкуренција на едно европско првенство.
Таа денес во финалето во нејзината категорија борба под 50 килограми загуби од Хрватката Ема Сгардели 0-8 (0-1, 0-3, 0-4, 0-7, 0-8).
Во првиот меч против репрезентативката на Италија Петфето Ерминиа победи со резултат 7:7 по постигнато водство со СЕНШУ (прв освоен поен). Втората победа ја избори над репрезентативката на Грузија, Васаде Мариами со резултат од 5:4. Во третиот меч славеше против Амос Корал од Израел со резултат од 2:2. По судиското изјаснување на нерешениот резултат, борбата заврши со 3:2 во корист на Михаела. За влез во финалето славеше убедлива победа над Тзилиа Елени од Грција со водство од 4:1.
Михаела Мишовска кариерата ја почна во матичниот клуб КК Тигар 2003 Беловиште, а сега е членка на КК Олимпик Спорт Скопје
Европското првенство во Задар се одржува од 8 до 12 мај. Како дел од ката-тим на македонската репрезентација настапи и тетовскиот каратист Андреј Стојановски, инаку член на КК Фунакоши Гичин. Репрезентативниот ката-тим на Стојановски го освои седмото место.
ас
фото Александар Кузмановски ФБ