Во изминатите два месеци, јули и август, на тетовското подрачје биле изречени над 20 мерки на лица што непрописно управувале електрични тротинети, кои најмногу се однесувале на движење по коловоз, а не по велосипедски патеки или тротоари.
На оние кои ги управувале тротинетите изготвени им се поднесоци со парични глоби од 50 до 80 евра во денарска противвредност, а доколку станува збор за деца, предвидена е глоба од 120 евра и за нивните родители.
Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш ги потсетува сопствениците на електрични тротинети да не се движат по коловоз, да не превезуваат и други лица или предмети, да не ги водат со себе нивните миленици додека се движат и така натаму. Во наредниот период контролите на оваа категорија учесници во сообраќајот значително ќе се засилат, дотолку повеќе што тие неретко предизвикуваат мешаници на пофрекфрентните улици, особено во вечерните часови кога потешко се забележуваат, потенцираат од СВР Тетово.