Речиси секој граѓанин кој денес дојде во просториите на ЈКП „Тетово“ кај зелениот пазар се пожали на многу високи сметки или грешки во издадените фактури. Тие се соочуваат со погрешно напишани податоци за напишани количини, цени или износи во фактурите кои за месец февруари 2024 година почна да ги издава фирмата Саубермахер која преку јавно-приватно партнерство го презеде менаџирањето на оваа дејност.
„Штала имам легализирано во Сараќино, имам направено сам бунар, а ми дошло сметка 1000 денари за чистота, за канализација, а нива е тоа имам 6000 метри квадратни.. Се чудам што е ова, кој може ова да направи, изјави жител на Тетово по име Сали.
„Двајца члена сме дома стари луѓе. Сум плаќал 514 денари. Овде му доаѓа 150 отсто зголемено, сега имам илјади двесте и нешто денари, а мене пензијата ми е зголемена е 4 отсто. Ги зеле податоците од катастар, треба на терен да оди. Хигиенава ни е на најниско ниво“, изјави Трпуш Мишески.
„Од сите станари во зграда на улицата „Димо Гавроски-Кара“ број 50 дошле на една сметка, на име на ќерка ми. И ставиле 280 квадрати од сите луѓе да ги плати 3200 денари за подигање смет, вели мајката.
„Станот ми се води во катастар на мене и на сопругата Ми пратиле две сметки една на мое име, другата на сопругата па според нивна логика треба двојно да плаќам, посочи жител на улицата „Јордан Златаноски“.
„Три фамилии по 16-17 кубици и треба сега по 20 кубни метри. По 200-300 денари плаќавме, а сега 400 денари за 20 кубни метри. За синот треба да платам 800 денари а човекот не е тука, посочија тетовци.
Преку соопштение се огласија од фирмата Саубермахер кои за утврдувањето на начинот на пресметка и утврдување на надоместоците (цените) за секоја комунална услуга, велат дека одлуките се донесени од општина Тетово, односно усвоени од Советот.
„Во одлуката на Советот на општина Тетово за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, стои дека цената за собирање на отпадот се утврдува по метар квадратен (m²). Со ова исто така нагласуваме дека сите катастарски податоци, за клиентите кои ги добиле првите фактури, поточно за месец февруари 2024 година, се обезбедени од Општина Тетово, согласно Договорот за Јавно Приватно Партнерство. Дополнително, на официјалната страна на Агенцијата за катастар на недвижности, јавно се достапни катастарските податоци кои се користени за пресметка во фактурите“, се вели во соопштението на Саубермахер.
Поради различните случаи кои граѓаните-корисниците ги пријавуваат се изготвува усогласена информација – упатство, и истата ќе биде јавно споделена во наредните денови, дополнуваат од Саубермахер.
Пред неколку дена Општина Тетово информираше дека доколку има потреба од усогласување на податоци граѓаните треба да се јават во просториите на ЈКП „Тетово“ кај зелен пазар и во просториите на Саубермахер кои во село Палчиште.
Вчера реагираше и ВМРО ДПМНЕ Тетово кои побараа во Општина Тетово да има шалтери каде ќе се коригираат сметките.