Како што ги врти плочите, така го врти и светот. Како и секоја година и во 2023 година тетовскиот диџеј Александар Галоски имаше интернационални турнеи, а тоа ќе го прави и годинава. Во петок 26 јануари ќе го чуеме неговото најново музичко дело. Александар е роден 1991 година, а во кариерата има потпишано изданија за голем број светски издавачки куќи за што добил поддршка од светски познати артисти. „Make That Body Move“ го посочува како проект кој најмногу му ги отвори вратите на светот на електронската музика. Со Галоски интервјуто го направи уредникот и новинар Александар Самарџиев.
На социјалните медиуми во минатата 2023 година видовме дека помина многу светски меридијани. Каде сè патуваше и настапуваше во 2023 година?
Галоски: Во 2023 година, имав привилегијата да одам на две интернационални турнеи кои ми овозможија да го споделам мојот музички талент со публиката на различни континенти. Патував на неколку убави и возбудливи места, вклучувајќи ги Токио, Бангкок, Хонг Конг, Мјанмар, исто така и Амстердам, Прага и неколку други градови ширум Европа. Секое од овие места ми понуди уникатно искуство и инспирација и сум благодарен за можноста да ги споделам моите музички страсти со публиката од целиот свет.
– Каква музика продуцираше во 2023 година, кој е твој фаворит?
Галоски: Се занимавам строго со електронска музика, претежно во жанровите house и tech house. Мојата цел беше да создадам модернизирани верзии на овие стилови, со мојот препознатлив звук кој лесно може да се препознае од моите слушатели. Покрај тоа, работев и на поп-денс музика, која полесно се пласира на радиостаниците. Едно од поголемите достигнувања во минатата година беше песната ’All My Love‘, која не само што се најде во топ 10 најслушани денс песни на една од најголемите радио станици во Америка, SiriusXM, туку исто така доби огромна поддршка од радиостаниците низ Македонија.
– За кој настап, во кој град имаш најдобри впечатоци? Каде се почувствува најдобродојден?
Галоски: Во свет полн со разновидност и културни богатства би било навистина тешко да се избере само едно место кое ми оставило најдлабок впечаток. Но, ако морам да изберам, моето најомилено место за настап е Јапонија. Нивната култура, љубовта кон музиката и начинот на кој таа се прославува ми оставија незаборавни моменти кои ги ценам и секогаш со радост се враќам таму.
– Како еден млад човек од Македонија се спојува со публиката низ цел свет? Што е главното, публиката, организацијата, изборот на музика, сценографија?
Галоски: Важно е да се пронајдете себе си, бидејќи тоа ви овозможува да ја споделите вашата енергија и вибрации со публиката на повисоко и автентично ниво. Изборот на музика и целокупната организација околу вашите настапи се исто така клучни елементи. Тие помагаат да создадете силен впечаток и да градите препознатливост, овозможувајќи ви да споделувате уникатни емоции и конекција со вашата публика.
– Работа и уживање и патување, дали спој на сите три е формула за успех?
Галоски: Да, верувам дека комбинацијата на работа, уживање и патување може да биде моќна формула за успех, особено во уметноста и креативните индустрии. Работата е основата, таа бара посветеност и труд, но кога работата е и ваша страст, тоа е тоа. Уживањето доаѓа кога го правите она што го сакате; тоа ви овозможува да бидете автентични и креативни. Патувањето отвора нови хоризонти и носи нови искуства, што е клучно за растот и развојот како уметник.
-Доби две признанија за афирмацијата на тетовскиот регион и развој на културата. Што значат за тебе овие признанија?
Галоски: Овие признанија претставуваат огромна чест за мене како уметник и поттик да продолжам да работам и да се развивам во иднина. Да бидам признаен од мојот роден град Тетово и местото каде што живеам, не само што е лично задоволство, туку исто така е и мотивација да продолжам уште посилно и посветено. Тие се потсетник дека мојата музика има влијание и дека моите напори придонесуваат кон обогатување на културниот пејзаж на Тетово и Брвеница, а верувам и во земјава.
-Кои се плановите за 2024-та? Што може тетовската публика да очекува годинава?
Галоски: За 2024 година, веќе имам возбудливи планови. Моето следно музичко издание е закажано за овој петок и со гордост можам да кажам дека е официјално поддржано од некои од најголемите светски диџејски имиња, вклучувајќи ги Dimitri Vegas & Like Mike. Ова е само почетокот, бидејќи во план имам околу 10 музички изданија за 2024. Покрај тоа, подготвувам и нова интернационална турнеја. Тетовската публика може да очекува многу музички искуства, како и можност да ја чујат мојата нова музика во живо. Се радувам на можноста да продолжам да ја делам мојата страст и креативност со публиката и очекувам дека оваа година ќе биде полна со успех и позитивна енергија.