Тетовскиот музичар Глигор Кондовски објави нов албум „Floating Steps“
„Floating Steps“ е електроакустичен албум, достапен на Бендкемп, има осум теми кои Глигор Кондовски ги изведува преку виолина, нотатон (ксилофон) и електроника.
Дизајнот на корицата на изданието е на Ѓорче Ставрески, додека извршен продуцент е Вангел Ноневски. Тој го пишуваше и критичкиот текст пропратен со албумот.
„За овој албум Глигор Кондовски – македонскиот експериментален виолинист, композитор и мултимедијален уметник – вели дека е посветен на мигрантите. Се работи за композиции кои претставуваат мали приказни (вињети) за луѓето кои се присилени да ги напуштат своите домови, во потрага по подобар живот. Бидејќи воедно се работи за замислена театарска музика, секоја композиција има своја микроприказна, во обид на соединување на композициите со одреден наратив кој би произлегол од нивната поврзаност со слики, кадри, кратки филмови. Имајќи го тоа предвид, тешко може да се оттргнеме од иницијалниот впечаток дека оваа музика треба да ја слушаме надвор од нејзината замислена/претпоставена намена. Можеби така е подобро. Можеби благото насочување на вниманието на слушателот во конкретна насока ќе го натера креативниот ангажман на слушањето да прифати едно ограничување на интерпретацијата, која, пак, на тој начин ќе може слободно да маневрира во зададените рамки и да го наградува слушателот со сцени иницирани од музика, вели Вангел Ноневски во текстот посветен на албумот.