Во центарот на Тетово денес се продаваа украсни перници, фустани и накит кои се изработени од текстилен отпад. Изработките се на учениците од текстилното училиште училиште „Ѓоце Стојчевски-Амбарче“ од Тетово кои собраните средства ќе ги донираат за Дневниот центар за лица со посебни потреби во Тетово.
Активноста е во насока да се подигне свеста кај учениците за соодветно управување со текстилниот отпад како проект на Здружението Мултикултура и текстилното училиште.
„Околу 30 ученици од втора до четврта година, беа вклучени кога имаа практична настава, во соработка со професорите. Донесоа рециклирани материјали, некои материјали се купени, некои материјали сами ги направиме. Излегоа убави перници кои може да се користат во секојдневниот живот. Многу е корисно да се употребат овие материјали, наместо да се фрлаат тие се користат уште еднаш и може да се употребат во домаќинството, истакна нивниот професор Сулејман Нухиу.
Професорката Хирије Халими објасни дека учениците со ова се запознале дека старата облека, не секогаш треба да се фрла, туку може да се преработи.
„Тоа е целта, рециклирање на материјалите, стара облека не мора секогаш да се фрли. Од таа облека може сешто да се направи, а така учат и везење, старата облека може нова да биде со везење, со шиење, кроење, мешање на боите. Текстилот исто може да се меша. Се што е изработено во нашето училиште е идеја на децата ние само ги мотивираме. Треба да учат да работат како нашите баби, затоа што младината веќе заборава како се прави рачно шиење. Ги учиме и како треба да се работи во секоја фаза се до пакување на продуктот, истакна професорката Халими.
Една од ученичките, Блерта Рамани, објасни дека нивни се идеите за дизајнот на перниците, фустаните и другите предмети.
„Дизајните ние ги цртавме, има дизајн на перниците со цвеќе, со човечки лик, со раце. Овој проект ние помогна да работиме како дизајнери и да презентираме една сериозна работа што сме ја направиле, рече Блерта Рамани.
Проектот е насловен „Циркуларна економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Тетово“.