Повеќе димензионални културни дела создава со своите раце и мисли, младата поетеса 26 годишната Марија Светозаревиќ, чија уметничка дарба и овозможува својата поезија да ја надополни и со цртање на пригодно уметничко дело.
Овие неколку години, за секој стих, Марија наоѓа прилика да создаде и слика па на два начини се обидува она што е најтешко за еден уметник, на другите да им ги објасни своите дела. Кога ќе се искаже преку поезијата, ќе ја покаже и сликата, па така открива во детали се што е присутно во тие дела.
„Наследство на величенственост“
Окото го фати последниот зрак од дневната светлина и се отвори кон рајската белина, обвиткана во мелодија. Повторно се разбудив со птичјата песна, од грлата на природата извира. Телото ми го плени, душата ја поканува на светската турнеа. Школо на какво што никогаш до сега не сум била. За последен пат ме праша, дали сакаш алхемија? Пуштиме во авантура! И овој пат, ќе се вратам будна.
А се почнало од обичните детски цртежи посветени – на мама!
„Јас уште од најразна возраст од 6-7 години, ја пронајдов мојата љубов и афинитет кон пишувањето и цртањето, така да овие два аспекти паралелно се развивале во мојот живот. Првата мојата песна што сум ја напишала тоа беше, кога имав седум години, за мојата мајка . Покрај тие песни следеа и мали илустрации, цртежи, но како што поминуваше времето, јас повеќе се насочив кон визуелните уметности, сликарството и само пред 4-5 години се решив да се вратам и на пишувањето. Овие два аспекти да ги спојам во едно“, вели Марија.
Ни открива дека темите за кои твори се поврзани со истражување на сопствената личност но и општо за човекот, за неговата духовност и човековата поврзаност со природата. Се она што лежи во човековата мисла може да се прикаже во едно или повеќе уметнички дела, вели таа
„Тука се работи за еден процес на пропуштање и на некој начин губење на идентитетот. Со тоа што, дозволуваме еден искрен и автентичен дел од нас да излезе на површина, преку тој самиот процес на пропуштање. Што лежи позади нашиот идентитет , како лик, карактер и тоа е всушност нашата искра и свест“, порачува тетовската поетеса.
Ја посетивме каде што твори, во тетовска Вратница, каде шумоли ветре, а топлото сонце го осветлува традиционалниот чардак од типичната македонска куќа, градена со векови наназад со тули од земја, со поглед на Шар Планина. Инспирацијата едноставно самата како да се појавува, потребно е само да се дојде на местото каде човекот е дел од природата.
Освен за духовноста кај Марија, делата се поврзани и со природата. Вели, таму е слободата која ја добива секоја човек.
„Темите ми се најчесто поврзани со духовноста и нашето место како луѓе, како свесни битија е во природата. Ова место мене многу ми значи и од повеќе аспекти. Но едноставно, тука чувствувам една слобода, која не ја има меѓу четири ѕида, кога сум затворена. Тука природата ни нуди нешто многу повеќе“, кажа таа.
На крајот до видувањето, Марија ни вели – имагинацијата е уникатен дел кај човекот меѓу сите живи суштества, а поединци со својата дарба делумно ја пренесуваат на уметничките дела. Стихозбирката „Мајката на светот“ е првото поетско дело на Марија Светозаревиќ, издадено минатата 2023 година, а вели дека се подготвува и за нова книга.
автор: Александар Самарџиев
фотографии и видео: Тетово инфо
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.