КУД „Бранко Чајка“ кое што работи при Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово, викендов имаше успешен настап на Детскиот фолклорен фестивал „Абрашевиќ во пресрет на Велигден“ (Абрашевиќ у сусрет Васкрсу) во Краљево, Република Србија.
Оваа манифестација има долгогодишна традиција а на неа учествуваат детските играорни групи од Културно уметничките друштва. Оваа година, покрај домаќините КУД „Абрашевиќ“ од Краљев, на фестивалот учествуваа и УЗННТ „Златибор“ од Чајетина, КУД „Студеница“ Ушќе, КУД „Абрашевиќ“ од Врњачка Бања, КУД „Прва петолетка“ од Трстеник, сите од Србија, како и КУД Банат“ од Сегедин, Унгарија, додека Македонија ја претставуваше КУД „Бранко Чајка“ од Тетово.
„Манифестацијата започна со ревијален собир на сите учесници пред Соборната црква во центарот на градот во присуство на голем број на граѓани кои беа собрани да одбележат големиот христијански празник „Лазарева сабота“. Сите учесници на фолклорниот фестивал, со шаренилото на своите народни носии од својот крај и со настап на дел од учесниците, го збогатија одбележувањето на еден од празниците кои му претходат на големиот празник Велигден“, информираат од Здружението.
Потоа во големата сала на „Домот на војската“ во Краљево, следувал целовечерен концерт на кој учествувале сите гореспоменати културно уметнички друштва кои што се претставија со дел од својата програма.
„КУД „Бранко Чајка“ настапи два пати. На првиот настап играорците од Тетово се претставија со сплет македонски ора, додека на вториот настап беа изведени неколку српски ора. Публиката со големо внимание ги проследи настапите кои беа поздравени со долготраен аплауз. По завршувањето на концертот следуваше заедничко дружење на сите учесници на вечерта. Покрај ова, истата вечер имаше средба на раководителите на културно-уметничките друштва коишто настапија на фестивалот при што се разменија искуствата и се воспоставија контакти за натамошна соработка. Следниот ден, на Цветници, организаторот на фестивалот за нашите учесници организираше посета на манастирот Жича којшто се наоѓа во непосредна близина на Краљево како и прошетка во познатото бањско одморалиште Врњачка Бања. Доцна вечерта играорците на КУД „Бранко Чајка“ се вратија во Тетово, “ информираат од Здружението.
Учеството на оваа манифестацијата претставува проект од национален интерес во културата за 2024 година од меѓународната дејност на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
ас
фото КУД „Бранко Чајка“