Уставниот суд информираше дека на вчерашната 20 седница донесени се две одлуки по иницијативите поведени против Општина Тетово во кои се бара да се испита уставноста на одлуките донесени од локалната самоуправа.
Ќе се утврдува дали е уставно Општина Тетово да има правилник за надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња. Уставен суд ја отрфли иницијативата за давањето на стадионот во Тетово на трајно користење на ЈП Тетово Транспорт.
-Се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилник за начинот и постапката на утврдување на исплата на надоместок на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња, заведен под број 08-12159/20 од 28 октомври 2022 година, донесен од Советот на Општина Тетово и објавен во „Службен гласник на Општина Тетово” бр.14 од 31 октомври 2022 година, се вели во соопштение на Уставен суд.
Оваа постапка беше иницирана од адвокатот Дарко Котевски.
„Очекувам дека Уставниот суд ќе го поништи правилникот од причини што Советот на Општина Тетово нема надлежност за донесување на оспорениот правилник и истиот е спротивен на Законот за локална самоуправа, бидејќи ваква надлежност му припаѓа исклучиво на градоначалникот. Според мене, Правилник е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Македонија, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок и спротивен на член 51 од Уставот, односно законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, образложи адвокатот Котевски.
-Се отфрла иницијативата за оценување на уставност и законитост на Одлука за давање на трајно користење на недвижни ствари на ЈП „Тетово Транспорт“ – Тетово, бр.08-12322/67 од 27.09.2023 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр. 15/2023), се вели во соопштение на Уставен суд.
Оваа иницијатива е на Даријан Сотировски.
Судот објави само исходот од гласањето на седницата, а дополнително најави дека ќе бидат објавени аргументите за донесените одлуки и решенија.
ас