Соопштение на Општински комитет на ВМРО ДПМНЕ-Тетово.
Тетово е град со кој се гордееме, град кој со години се гради преку почитување и заеднички живот помеѓу тетовчани. Тетово не смее да биде град на поделби и дискриминација и за тоа се најодговорни политичките чинители.
За жал во текот на вчерашниот и денешниот ден сведоци сме на грубо кршење на законот за знамиња. Прославувањето на еден празник на заедниците не смее да биде искористен за дискриминација на Македонците коишто живеат во Тетово.
Истакнувањето на знамето на Република Македонија е уредено со закон и неистакнувањето на државното знаме покрај знамето на заедниците не смее да биде толерирано и мора да биде санкционирано од институциите.
Еднаш засекогаш мора да престане самоволието во однос на истакнувањето на државните симболи. Македонското знаме, грб и химна се обележја на припадноста на Република Македонија.
Македонците во Тетово не смеат да бидат предмет на интерес само кога доаѓаат локални избори и е потребен нивниот глас за да се избере градоначалник Албанец. Сите досегашни градоначалници во Тетово, вклучувајќи го и сегашниот се свесни дека без поддршката на Македонците не е возможен мандат за водење на градот.
Тетово е град во кој живеат Македонци и ние како политичка партија никогаш нема да прифатиме некој да се поигрува со нашите културни и национални обележја.
Го повикуваме градоначалникот на Општина Тетово веднаш да реагира, да постапи и да обезбеди почитување на Законот. Се надеваме дека веднаш ќе биде реагирано а се со цел обезбедување на почитување на Уставот и законите.
Тетово мора да продолжи да биде град на меѓуетничка толеранција и почитување, тоа го должиме на тетовчани тоа го должиме на младите во Тетово.
Ние немаме ништо против заедниците во Република Македонија, знамето со кое ги изразуваат својот идентитет и особеностите, да го употребуваат во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со закон.
Во таа насока бараме од надлежните во Општина Тетово веднаш да постапат согласно Законот и да ги отстранат неправилностите.