Во рамките на континуираните превентивни, контролни и други активности за поголем сообраќаен ред и безбедност на тетовско-гостиварското подрачје, вчеравечер и ноќеска (24/25 февруари) од 22 до 4 часот, полициски службеници на СВР Тетово спроведоа акциска контрола на возачите – дали и колку од нив ги управуваат возилата под дејство на алкохол.
При контролата бил откриен и санкциониран 21 возач (ТЕ-14 и ГВ-7).Кај најголемиот број од нив биле измерени до еден и пол промили алкохол во организмот, односно крвта, а кај 3 (ТЕ) до два промили.Сите возачи-прекршители веднаш се исклучени од сообраќај и изготвени им се соодветни поднесоци со парични глоби кои се движат од 225 до 375 евра во денарска противвредност.Покрај ова, времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи од три месеци до една година.
Во акциската контрола санкционирани, исто така, биле и 25 други видови сообраќајни прекршоци ( ТЕ-18 ГВ-5).
Секторот за внатрешни работи Тетово ќе продолжи со вакви контроли и во наредниот период, а до возачите апелира да се воздржат од консумирање алкохол доколку управуваат возила, без разлика на поводот или други околности.
СВР Тетово со апел, исто така, возачите секогаш и секаде да ја прилагодат брзината според условите на патот и да не возат пребрзо, посебно на автопатот Гостивар-Тетово- Скопје, но и на околните регионални и локални патишта, како и на тетовските и гостиварските улици.Со тоа , тие најнепосредно ќе придонесат за сопствената и за вкупната безбедност во сообраќајот на подрачјето на СВР Тетово и пошироко.