Планинарскиот клуб „Љуботен“, ги поканува сите вљубеници во природата да се приклучат на овој настан и искачувањето на Титов Врв на 2747 метри надморска височина, а со тоа да направат нешто добро за сопственото здравје, сопствениот дух и развој и секако нешто добро за Шарскиот регион и природата.
Сите заинтересирани, задолжително е да се пријават на организаторот на настанот, со изјава на координаторот и на учесниците со формулар за пријавување, кој формулар може да го најдат на нашата веб-страница и на активните групи на социјалните медиуми. Со пријавувањето, друштвата/клубовите, организирани здруженија и поединците ќе се стекнат со статус – учесник во организирана активност, истакна на прес-конференцијата Христина Коруновска, членка на ПК Љуботен.
Во координација со ЈУ Национален Парк Шар Планина, ќе се изврши чистење на патеката од Титов Врв до Попова Шапка.
„Вработените од паркот, пред самото тргнување ќе поделат ракавици и вреќи на дел од учесниците кои на симнување од врвот ќе го соберат сиот отпад кој е на патеката. Благодариме на НП Шар Планина во поддршката на овој настан“, посочи претседател на ПК Љуботен, Јован Божиноски, на денешната прес-конференцијa.
Од клубот со напомена:
Поради големата количина на снег, која не е забележана во изминативе 38 години, ги замолуваме сите кои што ќе се пријават и учествуваат на овогодинешното искачување, да ја почитуваат програмата на организаторот и да ги почитуваат обврските кои ги имаат како учесници на овој настан. До искачувањето има уште три дена, во овој период се прогнозираат променливи метеоролошки услови. но во текот на утрешниот ден и петок, членови на клубот ќе бидат на терен и ќе имаме најточни информации за состојбата со снегот.
Во зависност од метеоролошките услови, а пред се поради безбедност на учесниците, клубот има право да ја промени патеката на искачување до врвот, за што сите благовремено ќе бидат известени. организаторот има право да донесе одлука и за прекинување на искачувањето, која одлука треба да се почитува од сите учесници на настанот. Планинарскиот клуб „Љуботен“ не одговара за последиците кои би се случиле вон оваа програма, како и за учесници кои немаат доставен формулар за пријава! сите формално непријавени друштва/клубови и организирани здруженија и учесници се смета дека не се дел од организацијата на традиционалното искачување „Tитов Врв“
ПРОГРАМА
25 мај 2024 (сабота):
12:00 часот – 18:00 часот – пријавување на друштвата/клубовите и организираните здруженија во сместувачките капацитети на Попова Шапка кај одговорните лица на П.К. „Љуботен“ и сместување на пријавените учесници
14:00 часот – 19:00 часот – во хотелот Славија ќе бидат организирани неколку активности. Ќе има отворен, базар со штандови на кои ќе бидат изложени производи на сите учесници. Додека трае базарот посетителите ќе може да уживаат во проекциите на стари планински филмови. Најзначајниот сегмент од овој дел ќе бидат активностите кои ги подготвивме за најмалите учесници.
19:00 часот – свечено отворање на настанот во холот на хотелот „Славја“ – Попова Шапка
19:30 часот – состанок со координаторите на групите на кој ќе бидат детално објаснети условите за искачувањето и доделување на дипломите за учество
20:00 часот – 23:00 часот – планинарско дружење и забава
26 мај 2024 (недела):
06:30 часот – Тргнување на колоната од платото пред хотел „Попова Шапка“ кон Титов Врв по „Вакуфска Патека“!
11:00 часот – пристигнување на колоната на Титов Врв.
12:00 часот – тргнување на колоната од Титов Врв кон Попова Шапка.
16:00 часот – пристигнување на Попова Шапка, послужување со планинарски чај организиран од „Пријателите на Шара“, испраќање на гостите и затворање на настанот.
Искачувањето ќе се одвива по маркираната патека “Вакуф” во организирана колона по наведената програма!
Искачувањето започнува од платото пред хотел “Попова Шапка” во 06.30 часот.Движењето е во организирана колона која ја сочинуваат членови на Планинарски Клуб „Љуботен“ – Тетово.
Патеката е средно тешка. Има вкупна должина од 12 км. во еден правец и висинска разлика од 1.047 метри. Патеката се движи по тревна површина, по каменит предел и делумно е покриена со снег.
Планираното просечно потребно време на искачувањето за планинари со добра кондиција и стекнато планинарско искуство изнесува 4 часа. За враќање е потребно приближно истовреме како и за искачувањето.
Сите учесници се распоредени помеѓу челото и крајот на колоната, помеѓу кои ќе има водачи на клубовите кои носат видливи ознаки за препознавање (на ранците ќе имаат акредитации со ознака организатор).
Патеката е маркирана со класична планинарска маркација, дополнета со знаменца.
На даден знак на членови на Планинарскиот клуб „Љуботен“ – Тетово во 12.00 часот започнува симнувањето / враќањето на последните учесници од Титов Врв по истата патека од искачувањето.
За искачувањето е потребно да се користи стандардна планинарска опрема за движење во зимски услови.
Исхраната е сопствена, индивидуално предвидена за планинарска тура до 10 часа!
Секој од учесниците треба да биде во добра психофизичка кондиција!
Координаторите на друштвата/клубовите и организираните здруженија, задолжително да присуствуваат на состанокот со координаторите! Истите при пријавувањето ќе добијат акредитација.
Координаторите на друштвата/клубовите и организираните здруженија се одговорни за пријавените членови од матичниот клуб и секој координатор потребно е да има обезбедено доволен број на водичи сразмерно на бројот на пријавени учесници од матичните клубови – согласно препораките на ФПСМ („упатство за број на учесници во планинарска акција за планинарски водичи“).
Сите индивидуални лица кои сакаат да земат учество на настанот мора да се приклучат кон одредено друштво/клуб и организирано здружение со формална пријава.
Во случај на невреме кое може да има влијание врз безбедноста на учесниците, членовите на Планинарски клуб „Љуботен“ – Тетово носат одлука за прекинување на искачувањето. Оваа одлука мора да се почитува без никаков приговор. Во тој случај колоната се враќа назад кон Попова Шапка по истата патека по која се одвива и искачувањето.
Организацијата на оваа планинарска манифестација почнува во 1980 година кога се организира првото тогаш меморијално искачување. По ова прво меморијално искачување одлучено е настанот да влезе во календарот на сите планинарски друштва во тогашна Југославија. Организацијата и масовноста на овој настан е знак на препознавање на П.К. Љуботен. Во текот на изминатите 41 искачувања на Титов Врв евидентирале бројка од 26705 искачени планинари.