Во изминатите девет месеци од годинава биле изречени 5714 мерки за пречекорување на максимално дозволената брзина при редовните и засилени контроли за брзина со која се движат возилата во и надвор од населено место.
Секторот за внатрешни работи Тетово информира дека пропишаната брзина најчесто се пречекорувала на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, но и на околните регионални патишта, како и на влезот во Тетово.
-Често пати пречекорувањето било над 50 и над 70 километри на чад над дозволеното. На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од големината на пречекорувањето. На екстремно брзите возачи времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи од три месеци до една година, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово и во наредниот период ќе продолжи со контроли за брзина.
-Дотолку повеќе што токму пребрзото возење беше и остана најчестата причина за случување на сообраќајни несреќи со најтешки последици, со загинати или тешко повредени лица. Токму затоа, уште еднаш се апелира до возачите и посебно до оние со помал возачки стаж да ја прилагодат брзината според условите на патот, да не престигнуваат на забранети и непрегледни места и да не консумираат алкохол или наркотични средства кога седнуваат зад волан. Зашто, во спротивно ја доведуваат во сериозен ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, информира Јосифоски.
Во неделата и понеделникот СВР Тетово бележи две сообраќајни несреќи со смртни случаи при излетувања од коловозните ленти. Во двете несреќи, загинаа 18 годишници од Чегране и Синичане.
ас