Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера (28 септември) од 16 до 20 часот спроведоа акциска контрола на возачите, колку тие ги почитуваат нивните обврски кон пешаците, но и колку пешаците се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи.
При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 26 возачи кои не им дале предност на пешаците, во најголем број на обележани пешачки премини. На сите им се изготвени соодветни поднесоци и ги очекува парична глоба која за овој вид прекршок се движи од 20 до 250 евра во денарска противвредност, а за најтешките прекршоци предвидена е и заштитна мерка-времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.
Покрај ова, биле откриени 12 други видови сообраќајни прекршоци.
Секторот за внатрешни работи Тетово со совет и укажување до возачите секогаш да им даваат предност, односно да ги пропуштаат пешаците, а пешаците да се движат по тротоари и да внимаваат кога и каде ги преминуваат улиците, особено на крстосници и таму каде што нема обележани пешачки премини.