Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово во соработка со Српскиот културно-информативен центар „Спона“ од Скопје, вчера во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Тетово одржа промоција на книгата „Записи од Македонија“ на авторот Милутин Станчиќ. На промоцијата говореа д-р Горан Максимовиќ и др. Мирјана Бојаниќ – Ќирковиќ, двајцата професори на Универзитетот во Ниш.
„Книгата на Милутин Станчиќ претставува збирка на патописи и репортажи коишто авторот ги бележел низа години наназад посетувајќи места, личности, домови, спомен обележја и сл. поврзани со животот на припадниците на српската заедница којашто живеела и сè уште живее на овие простори. Милутин Станчиќ е професор по македонска и јужнословенска литература и српски јазик, а дипломирал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Книжевноста е негова преокупација уште од студентските денови, па во Центарот „Спона“ се појавува како творец и модератор на многу литературни работилници, на кои се разговарало за познати српски писатели, како и за делата на македонските автори преведени на српски јазик, а организатор е и на бројни трибини, поетски средби, изложби, детски работилници и слично, информираа од Здружението.
Станчиќ во два мандати бил директор на Управата за развој и унапредување на образованието на малцинските заедници во Македонија. Дел од промоцијата беше настапот на вокалот Драгана Виденовиќ од Лесковац која изведе неколку традиционални српски песни.
ас