Од Национален парк Шар Планина информираат дека поради пожарите викендов изгорени се површини од вкупно 170 хектари од кои 20 се државна шума зафатена со приземен пожар на 30 % од повшината, околу 70 хектари се приватно земјоделско земјиште и мали парцели под приватни шуми, а остатокот е високопланинско пасиште, сопственост на Македонија.
„При интервенцијата забележавме волк, дива свиња и еребица камењарка како бегаат од огнот и мечка која исплашено се криеше во пештерата. Познавајќи го теренот, единствен начин за локализирање на пожарот, беше да се стигне до почетокот на пожарот со 90 минутно пешачење и да се интервенира со метли и лопати. Или пак да се гасне со воздухоплови, доколку има потреба и услови. Земајќи ги во предвид временските услови и локацијата на пожарот од изминатиот викенд на Шар Планина над селото Вешала, вчера по изгрејсонце мобилизиравме десет вработени од Јавната установа национален парк Шар Планина. Местото на пожарот се наоѓаше на стрмен терен, без пристап за возило и без близок извор на вода“, од управата на НП.
Лани имало 12 пожари, а од почетокот на 2024 година до сега, веќе има 10 пожари.
„Овие бројќи укажуваат на два проблема, и тоа промената на климата но и однесувањето на луѓето. Пожари имало и ќе има но во променети временски услови треба да ги адаптираме практиките на живеење. Пролетното и есенското чистење на отпадоците и палењето на пасиштата во услови на сува вегетација поради благите зими и намалени количества врнежи имаат катастрофални последици и за луѓето и за природата. Цената по човечкиот живот и загубата на природата и биодиверзитетот немаат вредност. Во вчерашниот пожар жителите на Вешала изгубија вредни приватни имоти, прекрасна букова шума, поподложни се на поројни поплави и ерозивни процеси, изгубија и вредни собиралишта на смреки и боровинки“, соопштија од Националниот парк.
Иако установата има годишна програма за заштита и превенција од пожари и работи по истата веќе втора година, им недостигаат плановите за управување со шумите и вегетациска карта за целото подрачје но и покрај тоа јасни се неколку параметри.
„Шар Планина е на северната граница на државата додека карактеристично е што голем дел од падините се стрмни и со јужна експозиција, а тоа ги прави многу суви. Со миграцијата село град, дополнително, обработливите површини околу селата се најчесто напуштени и обраснати со лесно горлив материјал. Статистиките низ годините покажуваат дека критичните периоди за пожари на Шар Планина се пролет и есен. Во летниот период ние како установа не воведовме забрана за движење во шума поради многубројното население во паркот кое има потреба да се движи до своите имоти, а самата планина има преку 80 влезови и излези што значи дека тешко е да се воспостави таа контрола. Управата на паркот го гледа спасот во соработката со локалното население и посетителите но преку континуирана едукација, велат од Националниот парк.
Ренџерите од паркот се единствена служба која се грижи за справувањето со пожарите во Националниот парк, цела Шар Планина, од Јажинце до Национален парк Маврово, а располагаат само со неколку метли, лопати, напртњачи.
ас
фото ЈУ НП Шар Планина