Веднаш по завршување на учебната година Општина Тетово одлучи да ја спроведе повеќе годишната практика-дворовите од училиштата за време на летниот распуст да бидат места за бесплатен паркинг на возила за да се намали сообраќаен метеж низ градските улици.
Но оваа одлука наиде на голем револт кај граѓаните. Тие на оваа објавена вест на Тетово инфо во коментари истакнаа дека градот има потреба школските дворови да им ги остави на децата каде би можеле да ги поминуваат деновите од распустот.
– Не треба паркинзи, треба децата да спортуваат, нема други спортски центри. Зарем не размислува градоначалникот, зарем тој нема деца, внуци кој сакаат да спортуваат. Школите полни со коли, а паркинзите во трговските центри се празни. Која држава го прави ова, вели жител на Тетово.
– Како и секое лето ги окупираат училиштата. Спортската сала „Партизан“ ја рушија за да има див паркинг. Спортската сала не функционира. И кај ќе спортуваат децата, вели мајка на деца од Тетово.
– Симболична паркинг карта би собрала средства за обнова и подобрување на училиштата, порача тетовчанец.
Маја Петровска, мајка на деца кои имаат четири и шест години, а воедно и професорка по англиски јазик во Центарот за странски јазици Мериленд ја доловува состојбата со која се соочува самата како и многу други сограѓани. Едноставно во Тетово секој родител на помали деца мака-мачи да најде чисто и прикладно место каде би играле децата.
– Често пати ги осудуваме децата дека многу време поминуваат користејќи мобилен телефон во рака. А што друго им нуди нашиот град? Тетово, како еден од поголемите градови, за жал не нуди многу можности за детска игра. Немаме прикладни места каде децата би го поминувале времето. Принудени сме од еден крај да одиме во друг крај на градот, да го посетиме Спортски центар. Се би било поедноставно и полесно доколку имаме достапно соодветно место наменето за нашите најмали и најмлади граѓани во близина на реонот во кој живееме, вели Маја Петровска.
Додека дел од училишните дворови се недостапни поради паркирани возила, во места како малиот парк во Ајдучко маало или Жена парк, многу честа родителите не ги носат децата поради нечистотија, расфрлани отпадоци, неискосена трева, уништени реквизити.
– Јас како мајка на две деца, 4 и 6 годишни, често морам своето слободно време да го поминувам со нив загрижена од фактот дека се надвор и дека нешто може да им се случи. Но кога би имало прикладно место, „збиралиште“ тогаш и децата и мајките ќе се среќни и задоволни поминувајќи го времето заедно. Зборуваме за детска игра, отворен парк, со лулашки, лизгалки, вртелешки и слично. Јас живеам помеѓу градскиот стадион и градските православни гробишта. Има толку многу јавна и запуштена површина која може со малку финансиски средства, да се претвори во едно прекрасно катче каде ќе слуша детскиот џагор и смеа, ни изјави Маја Петровска.
И додека одеа на распуст голем дел од децата-ученици се соочува со непријатни слики блиску нивните училишта како и градинките. До некои од овие училишни објекти има контејнери но поради пренатрупаност местата наликуваат на мини-депонии.
За овој новинарски текст побаравме но не добивме одговор од Општина Тетово – дали и какви мерки и активности се планираат за подигање/уредување на нови јавни места-детски катчиња со нишалки, лизгалки и слични детски реквизити. Воедно колкава е фреквентноста, односно колку често се врши подигање на расфрланите отпадоци, косење трева и поправки на оштетени реквизити и дали се врши надзор на веќе постоечките места за детска забава.
Александар Самарџиев