Додека се фали градоначалникот дека по цел град се асфалтираат цели улици, овде веќе две години не се „закрпуваат“. Дупките стануваат се поголеми, се јавуваат и нови, и главното е што не се санираат. Ги оштетивме и тркалата и колите. Ова се голем број на жалби и критики на граѓаните за особено оштетените улици кои гравитираат околу Стара градинка. Станува збор за улиците „Бане Стефановски“, „Андреја Ристовски“, како и Љубо Божиноски-Пиш“. Во непосредна близина е и улицата „Јордан Златаноски“, која општината ја обнови само во почетните неколку стотини метри, додека делот што поминува кај централниот објект на ОУ „Братство-Миѓени“ е во лоша состојба. Од Општина Тетово побаравме одговор на прашањето зошто не се врши санација на дупките на улиците „Љубо Божиновски-Пиш“, Андреја Ристовски“, „Бане Стефановски“, дел од „Јордан Златаноски“. -Сегашната состојба на улиците „Љубо Божиновски-Пиш“, „Бане Стефановски“, дел од „Јордан Златаноски“ и “Андреја Ристовски”, веќе подолго време се оставени во лоша состојба. Општина Тетово ги слушна поплаките на граѓаните и се презедоа чекори за решавање на овој проблем. Тендерот е успешно завршен, а сега се чека потпишувањето на договорот за започнување на проектот за подобрување на патната инфраструктура.
Потегот од улицата „Бане Стефановски“ до улицата „Љубо Божиновски- Пиш“ ќе има тотална интервенција поради големи штети. Одлучено е да има целосно подобрување со комплетно нов асфалт за да се обезбеди безбедна и стабилна улица за граѓаните. Се надеваме дека месецов ќе се започне со работа на терен. Посветени сме на средување на патната инфраструктура и овој конкретен проект ќе биде важен чекор кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, одговорија од Општина Тетово. На 21 јули 2023 година кога градоначалникот ги пушти во употреба реконструираната улица „Мирче Ацев“ и еден крак од улицата „Јордан Златановски најави дека останатата должина од улицата ќе се реконструира во иднина.
А.С