Националниот парк Шар Планина одржа прес-конференција за двата големи пожари со кои се соочуваа шест дена. Изгореле над 400 хектари, а штетите по изгубена дрвна маса и друга вегетација сè уште не се пресметани. Иако најчесто пожарите се случиле во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари.
„Во еден месец изгубивме во пожари повеќе од 400 хектари и тоа најголемите површини во само 2 инцидента од кои со пожарот над село Селце се справувавме дури шест дена. Вакви настани на Шар Планина до сега не се регистрирани. Од почетокот на април се до пред неколку дена имавме летни температури, вегетацијата сè уште не беше разлистана, а денес имаме снег. Зимата е пократка, летото е подолго и симптоматично е што пожарите се појавуваат со поголем интензитет и почесто. Очигледно е дека условите се менуваат, а за справување со вакви екстреми немаме модел затоа што се потпираме на искуства. Јавната Установа Национален Парк Шар Планина е релативно нова институција и токму на самите почетоци е вистинско време да се приспособиме да не се фокусираме само на досегашните искуства туку да се фокусираме и на тоа што може да се случи, истакна Ибрахим Дехари, директор на НП Шар Планина.
Со пожарите шумите ги губат сите општокорисни функции, а порано или подоцна таа загуба резултира со катастрофи, алармираат од НП Шар Планина.
„Шумските екосистеми обезбедуваат услуги за природата и за општеството, ја регулираат климата преку апсорпција на јаглерод, ја поддржуваат биолошката разновидност и живеалиштата, вршат регулација на водите и спречување на поплави и ерозија, обезбедуваат ресурси како дрво и лековити растенија, можности за рекреација, културни и духовни вредности и даваат придонес за квалитетот на воздухот и водата. Иако примарниот акцент најчесто се става на снабдувањето со огревно дрво, повозрасните жители добро знаат дека поради спецификите на теренот најзначајната улога на шумите на Шар Планина е да го заштитат населението. Токму затоа и Законот за шуми прецизно ја регулира материјата за чување на шумите. Правните и физичките лица кои вршат активности во шума се должни да преземат мерки за заштита на шумите од шумски пожари“, рече Дехари.
Како установа во пожарот над селото Селце потрошиле преку 80.000 денари материјални средства за справување со пожарот.
„Штетите по изгубена дрвна маса и друга вегетација сè уште не се пресметани. Тука воопшто не се калкулирани трошоците на другите државни институции, особено трошоците поврзани со летање на хеликоптери. За жал тука мора да споменеме дека иако најчесто пожарите се случуваат во близина на населени места и приватни имоти, во само неколку исклучоци локалното население и сопствениците излегле да ги заштитат шумите од пожари. По законот за шуми исто така, физичките лица кои предизвикале шумски пожар се должни да ја надоместат настанатата штетата од шумскиот пожар на сопственикот на приватната шума (на соседот) или на Јавната Установа Национален парк Шар Планина како субјект кој управува со државните шуми на Шар Планина. За жал сторителите е многу тешко да се фатат и да се докаже делото но во овие пожари настрадаа големи површини во приватна сопственост. Затоа се надеваме дека месните заедници ќе се приклучат на институционалните напори и ќе делуваат како коректор на практиките на жителите. Да, точно е дека традиционалните практики за чистење на отпадот биле преку спалување, но тоа било во некое друго време кога многу подомаќински се работеле површините, не биле обраснати, а крајно и временските услови биле други. Сега е крајно време да се разбудиме и да се адаптираме, од индивидуално до институционално ниво, рече Дехари.
Потсетуваат од НП дека забрането е палење на оган на отворен простор во шума и на друго земјиште на растојание најмалку од 200 метри од работ на шумата, а по исклучок може да се пали оган под услови и на места што ќе ги определи и обележи ЈУ НП Шар Планина.
ас
фото НП Шар Планина