Тетовчани имаат на кого да бидат горди-Катица Мишеска, родена во градот под Шара веќе неколку години гради успешна кариера на светските меридијани. Таа е оперска певица во најголемиот светски оперски центар Италија. Има 26 години и веќе одржа повеќе солистички концерти во Италија отколку во Македонија. Во Италија продолжува да се едуцира на постдипломски студии. На првиот ден од 2024 година настапи во главниот град Рим, за што доби одлични оценки од тамошните рецензенти. Катица е сопран – највисок женски пејачки глас. Со Катица разговораше новинарот и уредник Александар Самарџиев.
-Како се роди твојата љубов општо во музиката? Кога и како се запозна со класичната музика и ја засака?
Катица Мишеска: Музиката е дел од нашето секојдневно опкружување. Во зависност од тоа, секое дете во своето семејство ја слуша музиката којашто ја слушаат возрасните. Во моето семејство секогаш се слушала класичната музика и така сум ја восприемила и запознала и засакала.
-Кој инструмент почна да го свириш во основното музичко училиште и зошто се одлучи за виолина.
Да се надоврзам на претходниот одговор на прашањето. Како малечка, се запознав со виолината гледајќи еден филм, „Music of the heart“, со актерката Мерил Стрип, која во филмот беше професорка по виолина и обучуваше ученици да свират на виолина. Филмот ми остави впечаток и посакав и јас да свирам на виолина. На шестгодишна возраст се запишав во основното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ кај професорот Глигор Кондовски, а подоцна и со професорката Цветанка Кучиновска, одлични музички педагози и професионалци во својата област. Се разбира за да се изучува и свири инструментот виолина, потребен е апсолутен слух, кој е сè разбира природна дарба, или го имаш или го немаш.
-Како дојде до избор за соло пеење, кога и каде заврши средно училииште и факултет.
Катица Мишеска: Од основното образование во основното училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ го продолжувам образованието во истото училиште отсек Соло пеење. Определбата да продолжам со моето музичко образование како соло пејач потекнува исто така од мојата внатрешна желба и љубов, којашто ја негувам од основното училиште и во средното училиште се отвори за прв пат отсекот Соло пеење. Се запишав во средното училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ отсек соло пеење каде што се образував и го изучував оперското пеење со менторката Македонка Митревска. Голем музички педагог и оперска певица, којашто се образувала во Романија и така добив цврста основа којашто многу ми помогна во понатамошното школување како оперска пејачка и запишување на Факултетот за Музичка уметност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, отсек Соло пеење, кај менторката, оперската дива Весна Ѓ. Илкова.
-Како дојде до тоа да продолжиш со образование и кариера во Италија? Што значи да се биде во Италија и да се работи класична музика? Опиши ни го Конзерваториум Џузепе Верди во Торино.
Катица Мишеска: По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје, образованието го продолжувам во Италија. Изборот не е случаен. Италија е центар на операта, во Италија класичната музика е секојдневие, тоа е дел од животот. Се разбира желбата треба и да се реализира со труд, со способности коишто треба и да се покажат за да бидеш примен на еден врвен Конзерваториум, како што е Државниот Конзерваториум „Џузепе Верди“ во Торино, Италија. Истражувајќи на интернет кои се условите за прием на конзерваториумот, ги разгледав, размислив дека ќе претстои голема подготовка, труд и работа. Аплицирав во оперско студио во Комо, Италија, каде што една година ја надградував мојата техника на оперското пеење. По таа година вежбање и усовршување, го подготвував мојот прием на аудицијата којашто се одржа на Конзерваториумот во Торино. Вложениот труд, спремениот репертоар го изведов пред комисијата и така започна моето школување на постдипломските студии во Италија. Конзерваториумот ме надградува со техниката „Белканто“-Во превод (Убаво пеење). Конзерваториумот дава можности за секојдневни практични вежби, сценски движења, а исто така запознавање со многу уметници, колеги и колешки од целиот свет.
-Колку солистички концерти имаш, кои се впечатоците и каква мотивација претставуваат тие?
Катица Мишеска: Од солистичките концерти, а тоа се три солистички до сега, првиот го одржав во Тетово, во големата сала на музичкото училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“, со корепетиторката, пијанистка и професорка Анастасија Волчевска. Импресиите се секогаш возбуда, радост, позитивна трема кога се претставуваш пред публиката, тука се и професорите и чест е репертоарот којшто долго го подготвуваш, да го претставиш пред истите кои те поддржуваат и сакаат да те слушнат. Се разбира и да добиеш повратна информација за концертот, да добиеш позитивна или негативна критика за концертот. Позитивната да мотивира, а негативната да ги надминеш пропустите и повеќе да се трудиш и понатака. Вториот солистички концерт го одржав во Рим, Италија-во театарот на Марчело (Teatro di Marcello). Ова е меѓународен фестивал каде што аплицираат млади уметници од целиот свет. Концертот го одржав заедно со врвниот, светски пијанист Микеланџело Карбонара. После одржаниот солистички концерт во Театро ди Марчело, град Рим ме покани да одржам уште еден концерт во Салата Балдини, на 01.01.2024, каде што настапуваат светски реномирани уметници. За мене тоа беше голема чест и радост. Солистичкиот концерт повторно го одржав со маестро Микеланџело Карбонара за којшто добивме музички рецензии-музичка критика, која навистина за мене лично беше од големо значење, радост, среќа и од големо значење за почетоците на мојата музичка кариера, којашто веќе почнува и да следи со идните проекти коишто ќе ги имам во 2024.
-Каков е еден работен ден на оперска певица? Што треба да се прави за да се, да речеме одржува гласот, вокалната кондиција или што е потребно?
Катица Мишеска: Секој работен ден на еден оперски пејач, треба да помине со вежби. Тоа е како тренинг и постојано одржување на кондиција. Секогаш најголеми стравови се настинките, климатските промени, коишто можат да делуваат на гласот и затоа треба повеќе да пиеме витамини и да се негуваме. Тука спаѓаат и спортските активности, што значи целосно психофизичко здравје и избегнување на стресови колку што е можно повеќе. Значи секој еден човек, па и уметниците треба да водат здрав живот.
Превод од рецензијата за настапот на Катица Мишеска и Микеланџело Карбонара.
Катица Мишеска, млада сопранистка од Македонија, од првиот момент докажа дека е сила на природата. Нејзиниот глас, моќен и нежен во исто време, ја исполни целата просторија со топлина која го обзема секој агол.
Започна со аријата „Batti, Batti, O Bel Masetto“ од „Дон Џовани“ на Моцарт, а начинот на кој го толкуваше делото беше едноставно зачудувачки. Си поигра со мелодијата, мајсторски го модулираше гласот и пренесуваше толку интензивен шарм што ти предизвикува морници.
Но, токму со „Zum Leiden bin ich auserkoren“ од „Die Zauberflöte“-(Кралицата на Ноќта) на Моцарт, Катица Мишеска навистина ја покажа својата сестраност и беспрекорна вокална контрола.
Нејзините ноти беа како стрели кои навлегуваа во длабочините на душата, предизвикувајќи контрастни емоции и ја водеа публиката да открие невиден Универзум: момент на чиста магија, во кој времето се чинеше дека застануваше и се што беше важно беше убавината на музиката.