Од фирмата Ескимо Фрирајд која со „ратраци“ носи скијачи на слободно скијање (фри-рајд) сметаат дека јавноста неоправдано прави хајка против нив, особено по соопштението на Националниот парк Шар Планина во кое се наведува дека ќе се забрани движење надвор од дозволени патишта.
Тие потенцираат дека токму дозволените патишта се единствени места каде што се движат нивните возила „ратраци“ за превезување на скијачи на многу оддалечените места со повеќе метри снег за слободно скијање.
„Ние возиме по отворени и регулирани патишта. Ги користиме тие дозволени патишта за кои од Национален парк Шар Планина ни дале мапа за движење. Одиме да ги носиме да скијаат луѓето и излегуваме надвор од територија на Национален Парк Шар Планина каде што има висока покривка на снег и тоа по договор со Национален Парк. И таму ние не ја оштетуваме природата, бидејќи има повеќе од два метри снег, вели Жарко Неделковски од Ескимо Фрирајд во изјава за Тетово инфо.
По враќањето од далечните места на Шар Планина исто така, според Неделковски се користат патишта одредени од надлежните институции. За сите штети кои се направени поради тежината на возилата, според него, заедно со другата фирма оператор со ратраци, редовно се преземаат мерки и активности за санирање на оштетувањата.
„Ние кога се движиме во правец од Попова Шапка кон повисоките места и назад, повторно се движиме каде што ни е кажано, на постоечки пат, за тоа имаме добиени насоки во и-мејл (електронска пошта) од надлежните од Национален Парк. Но, никој не кажува дека Ескимо Фрирајд ако направи штета дека истата ја санира, заедно со другата фирма оператор. Бидејќи се тешки возила, свесни сме дека некаде се прави штета, но веднаш по завршување на сезоната на тие некои места фрламе расад со трева, асфалтираме оштетени патишта или патеки, правиме акции за расчистување на фрлени отпадоци. Сме плаќале по 50 луѓе сместување и дневници, да се расчистат отпадоците по завршување на сезона, изјави Жарко Неделковски.
Тетовскиот угостител смета дека одредени поединци вршат притисок врз нив со неосновани пријави до инспекции, поради лични интереси. Посочува дека многу повеќе придонеле за Попова Шапка како оператори, од колку самата држава.
Како пример ги наведува бачилата кои ги направиле на неколку места за засолнување на сите кои се движат низ планината, особено планинарите кога ќе ги фати невреме.
„Со нас никој околу Попова Шапка нема проблем, ни овчари, ни скијачи. Има неколку луѓе, поединци кои неосновано не пријавуваат до инспекции, поради лични интереси. Ние имаме направени неколку бачила, со вложени стотици илјади евра, каде што државата еден денар не дала, а тие се отворени и за сите, може да ги користат. Како се шири туризам, на кој начин, освен вака? Државата еден денар не дава, а ние 15 години се обидуваме да создадеме еден туристички производ. Не сметавме 15 години и сега сметаме кога се развива производот. Ние вработуваме 30 луѓе и егзистираат толку семејства, а уште толку и во другата фирма. Само за февруари сум платил 12 илјади евра данок на државата. Но на овој начин не се помага туризмот на Попова Шапка туку се уништува. Зарем и јас треба се да продадам и да заминам од државата и да оставам 30 семејства без егзистенција, прашува Неделковски.
Фирмата Ескимо Фрирајд во неколку наврати, потсетува Неделковски, им помагала на полицијата и центарот за управување со кризи да се спасат повредени планирани.
Со нивните ратраци со години наназад повредени луѓе биле преземани од недостапни места превезувани со цел што поскоро да им се укаже медицинска помош.
ас
фото: www.eskimo-freeride.com