Фирмите во Тетово покажуваат најмала дисциплина во плаќањето на комуналната такса за фирма или таканаренечена фирмирана, во однос на другите даноци кои ги наплаќа општината од граѓаните и претријатијата, покажуваат податоците од одделението за администрирање со приходите во оваа општина.
Во изминатите четири години приливот односно плаќањето на комуналната такса-фирмарина е двојно помало од побарувањата на Општина Тетово. Во некои години како во 2020 и 2019 и помалку од половина од фирмите платиле фирмарина. Во 2020 година, Општината побарувала од фирмите да платат 23.653.500 денари (384.609 евра) за фирмирана, а наплатила само 6.681.500 (108.642 евра) или само 28,24%. Во 2019 наплатени се 9.869.175 (160.474 евра), што во проценти е нешто над 44 отсто од побарувањата кои изнесуваат 22.140.000 денари (360.000 евра).
Во 2021 и 2022 наплатата се движи околу 50 % односно половина од фирмите си ги платиле комуналните такси (фирмарина) до општината, при што најнискиот износ е само две илјади денари годишно.
Кај данокот на имот, кај фирмите односно правните лица се бележи нешто поголем процент на наплата, но во периодот од 2017 до 2019 за кој податоците се евидентирани во базата на Центарот за граѓански комуникации за побарувањата на општините и наплатениот данок. Во 2020 и 2021 следува половична наплата, околу 50 отсто, додека во 2022 фирмите платиле најмногу данок на имот, односно нешто повеќе ги плаќале давачките кон општината.
Така во 2020 само половина од фирмите платиле данок на имот- 53,62%. Во 2021 се бележи понизок процент на наплата на давачката, односно изнесувало 48,41%. Во 2022 е највисока и е 122, 26% односно дел од даноците од претходните години се платени минатата година.
Според базата на Центарот за граѓански комуникации за побарувањата на општините и наплатениот данок, поголем процентот кај данокот за имот кај фирмите има во период од 2017 до 2019 година. Во 2017 се бележат 78% проценти на наплата на данок за имот од страна на правните лица, додека следните 2018 – 85% и во 2019 -82%.
Дека Општината има проблем да ги наплати даноците од фирмите говори и податокот за најголемиот износ која едно правно лице го должи на име фирмарина и данок на имот. Тоа правно лице заклучно со 31.12.2022 година е евидентирано дека должи вкупно 10.355.841 денари (над 160 илјади евра) од кои 362 илјади денари (5.888 евра) само за данок на имот.
И кај останатите даноци наплатата е половична, освен за данокот на имот за физички и правни лица во 2022 година. Петте милиони денари повеќе се поради тоа што има прилив за ненаплатените даноци од претходните години. Но во изминатите три години, 2019, 2020 и 2021 наплатата е околу 50 %. Нешто подобра е наплата на даноците за наследство и подарок како и даноците за промет на недвижности.
Од табелите за наплатата на останатите видови давачки, кај данокот на промет на недвижности во 2019 и 2020 се бележи поголема наплата од побарувања. Па така во 2019 било побарувано 41.756.136 денари, а наплатени се 68.700.119 денари или 164%. Кај данокот на имот, пак, наплатата е ниска во 2019 и 2020 година. Во 2019 општината побарува 60.972.927 денари, а наплатила само 33.392.839 денари. Во 2020 има уште помала наплата- 69.299.601 денари изнесувал максималниот очекуван прилив, но во општинската каса стигнале само 20.532.150 денари.
За неплаќачите на данок Општината како институција има можност да побара присилна наплата преку банките со претходна опомена. Се блокира 2/3 од сметката на правното или физичко лице со цел да се наплати неплатениот данок.
Семира Хоџа, од одделението за управување со даноци вели дека од нивна страна се преземени овие мерки за наплата согласно законските можности како за секоја општинска власт. По испраќањето на решенијата по пошта, голем дел од нив се вратени и не се примени. Се пристапува кон јавно објавување на решението и потоа присилната наплата.
„Истакнатите решенија се за тие коишто ги немаат примено решенијата, на овој начин јавно се известуваат. Според тоа, ако не дојдат да ги земат тие решенија, се смета дека се доставени со јавен оглас според законот. Луѓето некогаш не сакаат да ги примат, затоа мора вака да ги објавуваме. Во рок од 8 дена ако не дојде да го земе решението или промената, според Законот се смета дека е доставено. Направивме оглас, имаше коишто дојдоа и платиле, имаше и такви кои сè уште не дошле, не сакаат да платат, следи опомена во рок од 8 дена – ако не платат, ако имаат добиено-доставено решение, тогаш се прави блокирање на сметка во банка, се оди на присилна наплата, објаснува Семира Хоџа, раководителката на одделението за управување со приходи.
Од одделението за даноци тврдат главниот проблем е што нема волја луѓето да плаќаат даноци па изнаоѓаат начини да не ги платат овие давачки. Тоа го објаснуваат со тужбите кои ги добиваат и се однесуваат или за барање за намалување на износот што треба да се плати или воопшто да не се плати.
„Има луѓе кои се жалат и на суд добиваат спор со тужба до општината за не платат. Често пати не плаќаат, па се повикуваат и на застареноста на даноците“, вели Семира Хоџа.
Граѓаните решенијата за даноци може да ги обжалат пред Управен суд. Од таму потврдуваат дека има такви случаи, но без прецизни податоци за што точно тужеле жители на Тетово, за колку и какви износи се ослободени.

„Управниот суд за поведени управни спорови, тужби од физички лица односно граѓани против Општина Тетово, по основ на данок на имот за 2022 година евидентира поднесени 9 тужби од физички лица по основ на данок на имот за 2022 година, од кои 4 постапки се уважени, односно донесени се судски пресуди во полза на граѓаните, за 2 сè уште судските постапки кои се водат пред Управниот суд не се завршени, и 3 каде постапката е запрена“, информираа од Канцеларија за односи со јавност Управен суд.
Општинските даноци се главните приходи на локалните власти кои потоа тие средства можат да ги користат за правење на капитални проекти како што се водоснабдување, нови улици, мостови, и други инфраструктури зафати. Универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа вели дека постои револт кај граѓаните кога е во прашање плаќањето даноци затоа што се сомневаат во тоа колку институциите, во овој случај општината, ревносно, целисходно и квалитетно ги користат парите собрани од даноци за бенефит на граѓаните. Таа посочува дека нивото на управување со јавните пари во Република Северна Македонија е еден од главните предизвици за државата.
„Земјата е соочена со проблеми како што се недостаток на транспарентност, присуство на корупција и неефикасно користење на јавните средства, што има негативен ефект врз развојот на земјата.Иако има неколку законски регулативи кои го уредуваат управувањето со јавните пари, нивната имплементација и контрола не е доволно ефективна. Земјата се соочува со проблеми како што се неадекватно управување на јавните финансии, злоупотреба со јавните средства, ниска транспарентност во изборот на даватели на јавни грантови и поддршки, како и силна политизација на управувањето со јавните пари“, истакнува професорката Шенај Хаџимустафа.
Според професорката за да се подобри нивото на управување со јавните пари, потребни се консолидирани мерки кои ќе вклучуваат зголемување на транспарентноста и одговорноста, намалување на политизацијата, зголемување на контролата и преземање на мерки против злоупотребите и корупцијата.
„Ова може да се постигне преку промени во законодавството, владеење на правото, подобрување на системот за контрола и надзор. Во секоја земја, квалитетот на управувањето со јавните финансии може да варира и да има некои предизвици во користењето на парите собрани од даноци.Институции и органите кои се одговорни за контролата и управувањето со јавните финансии, имаат законски задолжителности за да контролираат и да следат на користењето на јавните финансии, да го обезбедат високиот квалитет на управување со јавните финансии и да спроведат ревизија на јавните институции. Ова ги заштитува граѓаните од неправилности, корупција и злоупотреби со јавните финансии и го обезбедува ефикасното и ефективно управување на јавните финансии.Сепак, важно е да се нагласи дека вистинскиот ефект на користењето на парите собрани од даноци зависи и од други фактори, вклучувајќи ги квалитетот на планирањето и буџетирањето на јавните проекти, ефикасноста и ефективноста на јавната администрација, како и воведувањето на соодветни механизми за прашањето на одговорност и заштита на квалитетот на услугите кои се нудат на граѓаните, вели Шенај Хаџимустафа.

За тоа дали и колку граѓаните се едуцирани дека треба редовно да ги плаќаат даноците, прашавме во образованите установи, каде се едуцираат најмладите. Нема задолжителен предмет или едукација за оваа тематика за учениците во средните училишта, освен делумно изучување во средните стручни економски училишта како дел од други предмети. Во останатите средношколски центри се се сведува на обуки кои за средношколците ги прават од Управата за јавни приходи, но според искуството во средното медицинско училиште, тоа се правело само на еден час за учениците од последната четврта година.
-Во ниедна програма не се предвидува објаснување за видовите на даноци имот и слични. Нема ниту во измените во законот за средно стручно образование. Но, на пример во предметот сметководство потребно е и има изучување на данокот за додадена вредност, вели наставничка од тетовското средно економско училиште „8 Септември“ .
Нешто повеќе едукација за даноците има во универзитетските програми. Професорката Шенај објаснува дека иако темата за даноци може да се појави во различни дисциплини, како економија, финансии, право, бизнис, менаџмент, но колку повеќе ќе се едуцира населението за даноци ќе има поголема наплата.
Некои универзитети имаат посебни предмети посветени на даноците и фискалната политика, но не толку на подигнување на свеста на граѓаните дека плаќањето на даноците. Изучувањето на даноците има големо значење, затоа што плаќањето на даноци е важен начин на финансирање на јавните потреби, како што се здравствената заштита, образованието, инфраструктурата и други, и ја поддржува економската стабилност на земјата. Оваа тема е значајна за секој граѓанин, бизнис и државна институција“, потенцира професорката Шенај Хаџимустафа
За 2023 година Општина Тетово според објавениот индикатори на општинскиот буџет планира данок на доход од добивка и од капитални добивки во висина од 15.100.000 денари, од даноци на имот 126.242.000 денари и од даноци на специфични услуги 150.120.000 денари. Воедно Општина Тетово продолжува со обидот да ги намали долговите од 24 милиони евра.
Александар Самарџиев
Оваа новинарска сторија е изготвена во рамките на проектот „Заштита од корупција“ што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на сторијата е единствена одговорност на новинарот и медиумот.