Во тетовската клиничка болница поради соочување со последиите од Ковид-19 на болничко лекување до денес на пладне се вкупно 39 лица, информира д-р Гзим Нуредини, координатор во ковид центарот.
-Од 39-те лица кои се на болничко лекување, најмлад е на 40 години додека највозрасен е на 76 години. Не се сите 39 лица на кислородна поддршка, што е добар знак, изјави д-р Нуредини.
Според него клиничка болница Тетово има повеќе објекти и во случај на нужна потреба за хоспитализација на болни од Ковид-19 ќе има доволно места. Засега инфективното одделение покрај во својот објект, пациенти има сместено во најблиската зграда на првите два ката каде е интернистичкото одделение.
-Ако вака продолжи ние може од сите одделенија, да земеме лекари и сестри да помагаат во ковид центарот. Ќе има реорганизација. Ќе бидеме фокусирани цела клиника на ковид центарот. Мора да се снајдеме, мора да работиме со сите кревети. Не е проблем бројот на кревети, имаме локации, не ни требаат шатори. Проблем е вирусот и смртните случаи. Првите два ката од зградата каде е интерното одделение се во функција за ковид-центарот, ако има потреба и за третиот кат каде е педијатрија персоналот може да се премести за само еден ден. Но засега нема потреба, потенцира д-р Гзим Нуредени.
Непознатите последици од коронавирусот е главниот проблем и предизвик со кој се соочуваат овдешните лекари како и сите во светот, објаснува тетовскиот доктор.
-Соочени сме со пандемија за која медицината нема искуство како за другите болести. Порано ако дојдеше вирус или инфекција, ако не ја знаете вие, ја знае некој друг град или држава па ќе се информирате и ќе почнете со мерки и протоколи. Сега е друга ситуација. Нема каде да земате информации, ги имате тие протоколи и работите само по нив и не е лесно. Се трошат антибиотици. Се тоа влијае на хоспитализациите. Чекаме и дај Боже да нема многу нови пациенти, изјави д-р Нуредини.
Во тетовско од почетокот на пандемијата досега имало 3372 луѓе кои заболеле од Ковид-19, додека сега во моментот има 960 болни. Починати се вкупно 142 лица. Во текот на вчерашниот ден се евидентирани 51 нови заболени.
А.С