Од Турција ни пристигнаа убави спортски вести. Тетовскиот перспективен централен дефанзивец, Стефан Стефановски е на радарот на турските клубови Тузласпор и Ејупспор кои моментално се натпреваруваат во турската прва лига, која е втора по ранг во државата.
За Стефановски пројавиле интерес од овие клубови по неговите одлични претстави на интернационален летен камп за таленти кој моментално се одржува во Истанбул, а на кој тој зеде учество на покана на агенцијата-организатор која е и негов застапник.
Инаку, Стефановски, кој има 18 години, веќе настапува за сениорскиот тим на ФК Тетекс, неговиот матичен клуб во кој ги има направено и своите први фудбалски чекори. Во меѓувреме беше дел од фудбалската суперлигашка академија на ФК Њу Старс. Има и неколку настапи за репрезентацијата на Македонија во категориите до 17 и до 18 години, од кои еден официјален.
Останува да видиме каде Стефановски ќе продолжи да созрева во кариерата на клупски план, дали рано ќе се реши на предизвик во странство, или сепак ќе остане да собира искуство во македонските лиги уште некоја година.