Поради блокираната сметка на Општина Тетово членовите на избирачките одбори и општинската изборна комисија се уште ги немаат добиено надоместоците за локалните избори кои беа на 17 октомври. Станува збор за 1170 луѓе од 177 избирачки одбори и сите челнови на општинската изборна комисија Тетово.
-Нашата општина има блокирана жиро-сметка и како Општинска изборна комисија Тетово два пати испративме допис до Државната изборна комисија за да има исплата на надоместок на членовите на избирачките одбори и членовите на ОИК. Чекаме службено да не известат од Државна изборна комисија, изјави Назми Даути, претседател на ОИК Тетово.
Вакви проблеми на Општинските изборни комисии имало и порано па решението е во Министерството за финансии кое наоѓа начин да се изврши исплата на овие надоместоци.
-Ние испративме допис до Министерството за финансии каде се објаснува целата ситуација и се бара од нив решение, да се најде соодветен начин за исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори. Сме имале и порано вакви ситуации со други општини и тогаш помага Министерството за финансии согласно законските можности, изјави Адмир Шабани, портпарол на Државна изборна комисија.
За да се исплатат сите 1170 членови на одбори и ОИК за исплата се потребни 12 милиони и 200 илјади денари.
ас